Судењето на браќата Усеини за сторено дело „насилство“ и денеска беше одложено, откако за разлика од претходниот пат, сега во судот дојде Ибраим, но не се појави бизнисменот и советник на Охрид од редовите на ДУИ – Нефи Усеини.
Според одбраната, Нефи бил во Турција поради оперативен зафат. Судот, сепак, побара да му биде доставена оригиналната медицинска документација за лекување во странство, а во спротивно, се закани, Нефи ќе биде стражарно приведен и донесен на рочиште.
Истото судот му го порача и на главниот сведок во случајот – оштетениот Спиро Топалоски, кој исто така, и тоа по втор пат, не се појави на закажаното рочиште. Овојпат, според неговиот адвокат, Топалоски правел операција на забите, па не можел да зборува.
Претходно, на првото рочиште на 22 септември кое исто така се одложи, братот на Нефи – Ибро, отсуствуваше бидејќи му се слошило и бил префрлен во Центарот за кардиолошки и васкуларни заболувања во Охрид, а Топалоски не се појави на судењето со изговор дека морал да остане дома да се грижи за децата.
По денешното второ одложување, следното рочиште е закажано за 27 ноември, а потоа уште едно на 3 декември, со цел забрзување на процесот.
На 10 септември годинава, браќата Усеини беа пуштени од притвор да се бранат од слобода, откако судот им прифати гаранција од недвижен имот во вредност од 850 илјади евра.