Додека купуваме мобилни, компјутери и смрзната морска храна, остануваме слепи на фактот што ненамерно го поддржуваме робувањето на десетици милиони луѓе од земјјите во развој.
Кевин Бејлс е докажан експерт во полето на модерното ропство и има поминато неколку години патувајќи во некои од најопасните места на светот, истражувајќи и документирајќи го скриениот, но распространет проблем со трговија со луѓе. Од рудниците на минерали во источно Конго, па до каменоломите во Индија, Бејлс забележал една иста шема што се повторува: на местата каде што преовладува модерното ропство, има и најголемо уништување на природата и животната околина.
Во неговата книга „Blood and Earth: Modern Slavery, Ecocide, and the Secret to Saving the World“, тој наведува дека во светот има околу 35 милиони луѓе, меѓу кои и деца, кои се заробени заради долгови, преку киднапирање и се жртви на злоупотреба од која не можат да избегаат. Паралелно со експлоатацијата на овие луѓе, некои од најдеструктивните индустрии ѝ го прават истото на животната околина: илегална сеча на дрва, илегално ископување на минерали, неконтролиран риболов кој ги уништува мангровите шуми (дрва што растат во вода) и производството на тули – кое подразбира моќни гринхаус гасови. Улогата на робовите во еколошката катастрофа недвосмислено води кон предлогот на Бејлс: ослободете ги робовите и со тоа спасете ја планетата.
„Морски ракчиња, риби, злато, дијаманти, челик, говедско, шеќер и други плодови на ропството и уништувањето на околината – сé се тоа производи што се продаваат во продавниците во Северна Америка“, вели Бејлс.
На пример, илегалното мрестење на риби во мангровите шуми на Бангладеш, кои наводно треба да се под заштита на УНЕСКО. Мангровите играат важна улога во крајбрежните екосистеми, бидејќи го отстрануваат јаглерод диоксидот од воздухот и овозможуваат животна средина за бенгалските тигри. Поседувачите на робови го занемаруваат тој факт и сечат огромни делови од мангровата шума, за да направат место за илегалните рибни и фарми за речни ракчиња. Белјс проценува дека 40% од глобалното уништување на шумите се остварува преку експлоатација на робови, а според пресметките излегува дека ако ропството би било држава, би ја имала популацијата на Канада, но би била третиот најголем емитер на CO2, по Кина и САД“.
Сличен пример на нелегални фарми за водни ракчиња е документиран и во Тајланд, каде поробените работници од Азија се присилени да лупат ракчиња по 16 часа на ден, за речиси никаков надоместок. Евтината морска храна се продава на западот, дури и во маркети од калибарот на Walmart.
Дел од ропството е наследно, што значи дека овие луѓе никогаш не биле на слобода. „Тие се родени во ропство, а кога не ја познаваш слободата, кога не си бил надвор од каменолом, никогаш не си бил во друго село, никогаш не си видел училиште, никогаш не си бил на доктор, никогаш не си видел весник – сите нешта што ги очекуваме кога сме слободни не важат за овие луѓе“, истакнува Бејлс.
Претпоставката на Бејлс е дека ако се стави крај на модерното ропство, на уништувањето на шумите, меѓу другото, исто така ќе му дојде крајот. Од друга страна, кога ние би ги користеле само материјалите и храната за кои знаеме дека се навистина „чисти“, според Бејлс, би биле без мобилни, облека и храна.
Затоа, неговата организација Blood and Earth бара луѓето од секоја алка на синџирот да преземат одговорност за штетата што досега сме ја направиле едни на други, и да ставаат крај на модерното ропство и трговијата со луѓе, за да можеме да го поправиме светот, што од еколошки, што од морален аспект.