Роберто Манчини и навивачите на Манчестер Сити можат да здивнат откако беше обелоденета информацијата дека повреда што Серхио Агуеро ја заработи на самиот почеток од мечот со Саутхемптон не е многу сериозна.
Аргентинскиот голгетер го повреди коленото по само осум минути игра на првиот натпревар од новата сезона, по што мораше на носилка да биде изнесен од теренот. Постоеја грижи дека може да стане збор за проблем со лигаментите на коленото, но деталните лекарски прегледи покажале дека не станува збор за ништо сериозно.
„Ударот што го добив беше многу силен и почувствував огромна болка, но за среќа повредата не е сериозна. Нема да мине долго време пред да се вратам на терените“ порача Агуеро преку својот Twitter профил.
Информациите од Манчестер Сити говорат дека Агуеро ќе се врати на терените за најмалку петнаесетина дена, што значи дека тој сигурно ќе го пропушти натпреварот на Енфилд против Ливерпул следниот викенд, како и дуелот со Квинс Парк Ренџерс, закажан за 1 септември.