Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека се повлекува од продажба и употреба серија од млекото „Милкано“, поточно производот УХТ ТРАЈНО МЛЕКО, МИЛКАНО 3.2% од 1 литар, со сериски број/лот LOT FD04 и датум на производство 05.10.2022 и рок на употреба до 04.03.2023 година.
Како што информираат од АХВ, се работи за НЕБЕЗБЕДЕН ПРОИЗВОД поради присуство на афлатоксин М1.
Во вонредно соопштение, ланецот маркети „Стокомак“, кој е увозник и дистрибутер на млекото, повика оние што купиле млеко од оваа серија да не го консумираат производот и да го вратат во маркетот, при што целата сума, потенцираат, ќе им биде надоместена.
„Доколку некој од нашите купувачи има купено од овој ЛОТ го повикуваме да го врати во нашите маркети, ќе им биде надоместен целиот износ. Веднаш е реагирано до производителот кој ни испрати резултати од интерна лабораторија која не соодвеставува со овие резултати“, се вели во соопштението.
Од „Стокомак“ порачаа и дека поради големиот пропуст веќе нема да соработуваат со оваа млекара.
„Ние ги почитуваме нашите надлежни институции и истото веднаш е повлечено од промет. Поради овој огромен пропуст нашата компанија повеќе нема да соработува со оваа млекара.
Се извинуваме на сите наши ценети потрошувачи за овој пропуст кој нема да дозволиме да се повтори во иднина“, се додава во соопштението.
Воедно, „Стокомак“ потенцира дека останатите датуми (производствени серии) од овој производ, како и другите производи од „Милкано“, не се спорни.