Вашингтон, 11 декември 2021 (МИА) – Повеќето од 43 случаи заразени со сојот омикрон на коронавирусот во САД се целосно вакцинирани, а третина дури добиле и дополнителна доза, соопштија Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ).
ЦДЦ соопшти дека меѓу 43-те инфекции со омикрон сојот 34 лица биле целосно вакцинирани, а 14 добиле дополнителна, таканаречена засилувачка доза, пренесоа британските медиуми.
Иако станува збор за мал број случаи на вакво тип инфекција, извештајот на ЦДЦ придонесува за загриженоста дека вакцините што во моментов се користат обезбедуваат помала заштита од овој високо пренослив сој на коронавирус.
Омикрон сојот досега е откриен во 22 земји, откако кон крајот на ноември за првпат беше идентификуван во Јужна Африка и Хонг Конг. Повеќето од заразените имаат благи симптоми, а само еден од 25 заразени лица во Јужна Африка бил хоспитализиран два дена.