Потпретседателката на САД најави нови 1,5 милијарди долари помош за Украина

„Овие средства ќе овозможат поправка на енергетската инфраструктура оштетена од војната, зголемување на производството на енергија и поттикнување на инвестициите во приватниот сектор, како и заштита на енергетската инфраструктура“, се вели во дел од соопштениот од кабинетот на Камала Харис

Потрепретседателката на Соединетите Американски Држави (САД), Камала Харис денеска објави нова помош од 1,5 милијарди американски долари за енергетскиот сектор и цивилната безбедност во Украина, пренесоа светските медиуми.  

Потпретседателката на САД, Камала Харис говори на воведната пленарна сесија на Мировниот самит за Украина во Луцерн, Швајцарија / Фото: EPA-EFE/MICHAEL BUHOLZER / POOL

Објавата дојде за време на Мировниот самит за Украина во швајцарскиот град Луцерн, на кој присуствува Харис и на кој имаше обраќање на пленарната сесија на самитот. 

Како што соопштија од нејзиниот кабинет, 500 милиони американски долари се насочени за нова помош во енергетскиот сектор, додека 324 милиони долари од претходно најавени средства за УСАИД се пренасочуваат за итна поправка на енергетската инфраструктура и други потреби на Украина, пренесува „Гардијан“. 

„Овие средства ќе овозможат поправка на енергетската инфраструктура оштетена од војната, зголемување на производството на енергија и поттикнување на инвестициите во приватниот сектор, како и заштита на енергетската инфраструктура“,

се вели во соопштението. 

Дополнително, новиот пакет помош што доаѓа од американската агенција за развој – УСАИД и американскиот Стејт департмент вклучува и 379 милиони долари како хуманитарна помош. 

Средствата се наменети за одговор на итните потреби на бегалците, внатрешно раселените лица и заедниците погодени од бруталната руска агресија врз украинскиот народ, се наведува во соопштението од кабинетот на Харис. 

Стејт департментот со поддршка на Конгресот ќе треба да обезбеди и дополнителни 300 милиони долари за украинската цивилна безбедност. 

Овие средства се очекува да помогнат во заштита на цивилите на линијата на фронтот кои се цел на руските напад, заштита на критичната инфраструктура, како и да се истражат повеќе од 120 000 случаи на воени и други злосторства. 

Инаку, на Самитот во швајцарскиот град Луцерн се собрани десетици светски лидери во обид да најдат начин за ставање крај на повеќе од двегодишната војна во Украина. 

Сепак, отсуството на преставници од Русија и од Кина, како што пренесува  регионалниот сервис на Радио Слободна Европа, не дава надеж за постигнување на голем напредок во овие напори. 

Вчера, еден ден пред отворањето на дводневниот самит, рускиот претседател Владимир Путин го повика Киев да се откаже од амбициите за НАТО и да предаде четири провинции на кои Москва го полага своето право. 

Предлогот, кој Киев го нарече „манипулативен“ и „апсурден“ и еднаков на предавање, ја сигнализира решеноста на Путин да продолжи со конфликтот, фрлајќи дополнителна сенка врз средбата.

Швајцарија се согласи да биде домаќин на самитот на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски и се обидува да го отвори патот за идниот мировен процес во кој ќе биде вклучена Русија. Сепак, Москва не беше поканета да присуствува на собирот, кој украинските власти го нарекоа „самит на мирот“. 

- Реклама -