„Посветено на мојата 7-годишна ќерка: Морбилите се опасна болест“

Роалд Дал е познат британски и светски новелист, писател на кратки приказни, поет, сценарист и борбен пилот. Неговите книги се продадени во повеќе од 250 милиони копии низ светот. Веројатно најмногу ќе се памети по ликот на Вили Вонка од неговата книга за деца „Чарли и фабриката за чоколади“. Роалд бил роден во Велс на 13 септември 1916-та година, од родители имигранти со Норвешко потекло. Во Втората светска војна служел во Кралската авијација.

Во 1962 година, неговата најстара ќерка починала од субакутен склерозантен паненцефалитис – компликација што настанува од вирусот на морбили. Оттогаш Дал станува жесток поборник за вакцинација. Тој пишува и отворено писмо до родителите, охрабрувајќи ги да ги вакцинираат своите деца, изразувајќи надеж дека смртта на неговата ќерка нема да биде безначајна.

Роалд Дал и неговата ќерка Оливија (најдесно, веднаш до него)

Писмото е пишувано во 1986 година:

„Оливија, мојата најстара ќерка, фати морбили кога имаше седум години. Како што болеста се одвиваше по вообичаениот тек, се сеќавам дека често ѝ читав на Оливија во кревет и не бев посебно алармиран околу тоа. Потоа, едно утро, кога таа беше блиску до опоравување, седев до неа покажувајќи и како да направи животни од чистачи за пластични цевки. Кога ѝ дојде редот, забележав дека нејзините прсти и нејзиниот ум не работат заедно и дека таа не може да направи ништо.

‘Добра ли си?’, ја прашав.
‘Се чувствувам целата поспано’, ми рече таа.

По еден час, таа беше несвесна. По 12 часа таа беше мртва.

Морбилите се претворија во ужасно нешто наречено субакутен склерозантен паненцефалитис и докторите не можеа да направат ништо за да ја спасат. Тоа беше пред 24 години, во 1962, но дури и сега, ако дете со морбили ја развие истата смртоносна реакција како Оливија, докторите повторно ќе немаат што да направат за да му помогнат.

Од друга страна, денес има нешто што родителите можат да го направат за да се осигураат дека овој вид на трагедија нема да им се случи на нивно дете. Тие можат да инсистираат нивното дете да биде имунизирано против морбили. Јас немав таква можност за Оливија во 1962, бидејќи во тоа време сé уште немаше откриено солидна вакцина против морбили. Денес ефикасна и безбедна вакцина има достапна за секое семејство, а сé што треба да направите е да побарате од докторите да му ја стават на вашето дете.

Сé уште не е прифатено дека морбилите можат да бидат опасна болест. Верувајте ми, можат. По мое мислење, родителите што сега одбиваат да ги вакцинираат своите деца ги изложуваат животите на тие деца на ризик. Во Америка, каде имунизацијата против морбили е задолжителна, морбилите се безмалку искоренети.

Овде во Британија, бидејќи толку многу родители одбиваат, било од тврдоглавост, незнаење или страв, ние сé уште имаме 100.000 случаи на морбили секоја година. Од тие, повеќе од 10.000 ќе страдаат од споредни ефекти од еден или друг тип. Најмалку 10.000 ќе развијат ушни или инфекции на градите. Околу 20 ќе умрат.

РАЗМИСЛЕТЕ МАЛКУ ПОДЛАБОКО ОКОЛУ ТОА.

Секоја година околу 20 деца ќе умрат во Британија од морбили.

Па, кои се ризиците по вашето дете ако биде вакцинирано?

Речиси непостоечки. Слушајте ова. Во област со околу 300.000 луѓе, само едно дете на секои 250 години ќе развие сериозен спореден ефект од имунизацијата против морбили. Тоа значи шанса од 1 во милион. Поголема е шансата вашето дете да се задуши од чоколатце отколку да стане сериозно болно од вакцинација против морбили.

Па зошто, тогаш, сте толку загрижени? Навистина е речиси криминал да дозволите вашето дете да остане невакцинирано.

Секое дете што сé уште не е имунизирано треба да ги моли родителите да му овозможат да прими вакцина што поскоро…

… Случајно, ѝ посветив две книги на Оливија. Првата беше ‘James and the Giant Peach’, кога беше уште жива. Втората беше ‘The BFG’, посветена на нејзиниот спомен откако таа почина од морбили. Ќе го видите нејзиното име на почетокот на секоја од овие книги. И јас знам колку среќна таа би била кога само би знаела дека нејзината смрт помогнала да се спречи многу болест и смрт меѓу другите деца“.

виа roalddahlfans.com

- Реклама -