Постојат индиции за епски криманал на СДСМ и ДУИ, злоупотрбени се пари во повеќе државни институции, вели Мицкоски

„Излегуваат вечни експерти го критикуваат моделот и потоа наеднаш гледаме слични или исти презимиња стануваат членови на Судскиот совет. Нека ми дадат модел. Убаво е вака од страна да набљудуваме и да кажуваме како не треба. Нека кажат како треба“, рече премиерот

Постојат индиции и докази за епски криминал и злоупотреби на големи суми пари, во повеќе институции од страна на минатата власт на СДСМ и ДУИ, за кој органите треба сериозно да истражат, бидејќи недостигаат пари, а на терен нема проекти и реализација. И покрај тоа што постојат многу основани сомненија за криминали што треба да се испитаат по допрен глас од страна на Обвинителството, гледаме дека до овој момент нема дејствија и истраги. Затоа, потенцираме дека се потребни итни реформи во правосудните органи. Ова во интервју за неделникот „Фокус“ го рече премиерот Христијан Мицкоски, посочувајќи дека секој заслужува шанса во работењето, па така и државниот јавен обвинител.

„Ако вие имате недостаток од пет милијарди денари, што е повеќе од 80 милиони евра, за да се исплатат редовни пензии, зборувам за редовни пензии, без оние двапати годишни усогласувања согласно законот, без покачувања. И, кога ќе видите во одредени други институции, каде се финансираат одредени проекти, кои беа од суштинско значење и важност за ДУИ пред се, но и за СДСМ, тогаш доаѓате до заклучок дека некој овде свесно го злоупотребил буџетот за да финансира проекти, преку кои постојат основани сомневања дека тие пари биле злоупотребени. На терен, не гледаме реализација и прогрес на тие проекти. Пред се мислам на проектите поврзани со изградбата на Коридор 8 и 10-Д“,

вели Мицкоски.

Во „Национални шуми“, вели премиерот дека недостасуваат половина милијарда денари, значи над осум милиони евра, средства направени за долгови, но ако се види дека фактурите се двојно, тројно поголеми од вообичаените, тогаш си го поставувате прашањето дека таму некој се обидел да злоупотреби.

Говорејќи за злоупотребите кои ги правела минатата власт, премиерот Мицкоски нагласи дека можеби разбирливо е на тендер да има 15, 20 проценти повисока цена, еве и 25 проценти, ама не 200 проценти, односно тоа не е нормално.

Во РЕК Битола, нагласи Мицкоски, дека само од една зделка разликата е 40 милиони евра, односно дека од втората половина на 2021 година заклучно со мај 2024 година се однесени отприлика еден милион и 600 илјади тони јаглен.

За Советот на јавни обвинители и за судскиот совет, Мицкоски рече дека досега никој нема понудено друг модел, па затоа, посочи дека она што го нуди владата на ВМРО-ДПМНЕ е судиите и обвинителите сами да изберат кој ќе биде во овие две институции, но и како да добијат поголема независност преку автономен буџет процентуално врзан со вкупниот буџет.

„Излегуваат вечни експерти го критикуваат моделот и потоа наеднаш гледаме слични или исти презимиња стануваат членови на Судскиот совет. Нека ми дадат модел. Убаво е вака од страна да набљудуваме и да кажуваме како не треба. Нека кажат како треба“,

вели премиерот.

Според него, не се сите судии и обвинители роднински поврзани или корумпирани, но посочи дека има и такви што држеле предмети во фиока и не ги процесуирале.

„Не се сите, туку се малцинство. Мнозинството не може да биде потчинето на малцинството. Малцинството самото ќе се катализира и исфилтрира и ќе биде безгласно. За жал, малцинството сега се на клучни позиции и затоа ни треба ова мнозинство да го победи малцинството, со тоа што самите тие ќе си изберат тоа што мислат дека им треба. Еве ние нема да се мешаме, ќе седиме настрана и ќе оставиме тие самите да ја направат таа катарза, да се исфилтрираат и тоа што е лошо да го отфрлат од системот. Доброто да го победи лошото“,

вели тој.

Смета дека преку комисија за надзор на работењето на овие институции, која ќе биде составена од пратеници и од власта и од опозицијата, ќе можат да се прават редовни и вонредни контроли и да видат дали има злоупотреби. Ако има, најави Мицкоски дека планираат законски интервенции, па дури и кривично гонење, не само разрешување.

- Реклама -