Постои ризик да се изгуби ИПА-грантот во износ од 60 милиони евра за пругата Крива Паланка-Бугарија, изградбата траела предолго, вели ДЗР

Оваа делница е проектирана во должина од 23,4 километри, а ќе се градат и 22 тунела, вклучително и еден на граничниот премин, 52 мостови/вијадукти, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово

Неефикасно управување со стратешки проект, како изградба на Коридор 8 од железничката инфраструктура кон исток во фаза 1 и фаза 2, започнат уште во 1996 година и се уште не е завршен. Ова е заклучокот од извештајот на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за „Реализација на капитални инвестиции финасирани преку буџетот на РСМ, ЕУ фондовите и средства од други меѓународни финасиски институции во надлежност на централната власт и локалната самоуправа“, со што се посочува дека вредноста на проектот е зголемена и платени се провизии за неповлечени средства во износ од 4,6 милиони евра поради неиполнети услови за ефективност на заемот во период од седум години.

Според ревизорскиот извештај, за проектот за изградба на Коридор 8 од железничката инфраструктура кон исток фаза 3, фазата за планирање и подготвување на проектот трае предолго и постои ризик од губење на ИПА грант средствата во износ од 60 765 милиони евра, како и идни фискални импликации поради потреба од обезбедување на дополнителни средства од буџетот на државата.

„Во исто време нагласуваме дека вредноста на проектот е зголемена од првично планираната. Според билатералниот договор склучен помеѓу Европска Унија и Република Северна Македонија истата е 340 милиони евра, додека до денот на ревизијата  вредноста е зголемена и проценета на 560 милиони евра, што претставува зголемување во износ од 220 милиони евра“,

се вели во извештајот од ДЗР.

Извештајот на ДЗР покажува и дека на првата делница од пругата кон Бугарија, Куманово – Бељаковце до крајот на декември биле реализирани 47 отсто од активностите од вкупната траса која треба да биде изградена. Во таа насока, во ревизорскиот извештај се вели дека останува неизвесноста за нејзино завршување поради тоа што рокот за реализација истекува во октомври годинава.

За периодот од октомври до декември 2023 година финансискиот напредок на изведувачот изнесува 17,7 милиони евра.

За степенот на реализација на проектот ревизијата утврдила дека физичката реализација за првата фаза со првиот изведувач за период од шест години е само 54 отсто, а договорот за изведба на работите пред да биде раскинат во 2020 година финансиски е реализиран во износ од 27,7 милиони евра или 69,7 отсто.

„За оваа фаза во јули 2022 година постигнат е договор за спогодбено решавање за побарувањата од изведувачот со што исплатен е надомест на трошоци во износ од 10 милиони евра. Во јули 2022 година избран е нов изведувач и склучен е договор за изградба на износ од 40,4 милиони евра со рок на завршување на работите до 18 октомври 2024 година. Со ова вредноста на проектот се зголемила за 96 отсто од првично планираната со првиот договор, а рок за завршување на проектот поради сите овие  активности на застој, раскинување на договор и избор на нов изведувач пролонгиран е за осум години, со краен рок октомври 2024 година. Поради недоволно средства за финансирање на овој проект од заемот во износ од 46, 4 милиони евра, остатокот од проектот ќе се финансира од заемот за фаза 2, за што во јуни 2023 година е донесена измена на закон“,

се наведува во извештајот. 

За втората делница, Бељаковце-Крива Паланка, до крајот на 2023 година согласно податоците во тримесечниот извештај октомври-декември 2023 година добиени од консултантот финансискиот напредок на договорот изнесува 21 милион евра. 

„До крај на декември 2023 година, исплатени се средства во висина од 12,92 отсто од Договорот во вредност од 155 милиони евра, а реализирани се градежни работи од 4,15 отсто. Рокот за завршување на работите е октомври 2025 година. Во 2014 година за реализација на овој проект од ЕБОР одобрен е заем во износ од 145 милиони евра. Договорот за заемот не е ефективен седум години поради неисполнети услови предвидени со одредбите од договорот за заем и тоа: склучен Договор за надзор над градбата, и склучен Договор за техничка помош на Единицата за имплементација на проектот. Поради тоа, во 2021 година до прогласување на ефективноста платена е провизија за неповлечени средства во периодот од седум години, во износ од 4,6 милиони евра“,

се вели во ревизорскиот извештај.

Изведувачи на работите на првите две делници се „Ѓулермак“ и „Штрабаг“, а инвестицијата изнесува околу 200 милиони евра.

Според претходните најави од Министерството за транспорт првата делница треба да се пушти во октомври годинава, а втората во февури следната година.

За третата железничка делница, од Крива Паланка до границата со Бугарија, ревизијата покажала дека бидејќи фазата на планирање и подготвување на проектот трае предолго, постои голем ризик од губење на ИПА грант средства во износ од 60 775 милиони евра, како и идни фискални импликации поради што ќе треба да се оебзбедат дополнителни средства од буџетот на државата. Според извештајот, вредноста на прокетот е зголемена и изнесува 560 милиони евра, како и дека наведената состојба носи висок фискален ризик од економски аспект.

Средствата во износ од 560 милиони евра како проценета вредност за оваа делница се обезбедени со грант од 61 милион евра од ИПА компонентата, 149 милиони евра од ВБИФ и два заеми од ЕБОР и ЕИБ  од по 175 милиони евра. 

Оваа делница е проектирана во должина од 23,4 километри, а ќе се градат и 22 тунела, вклучително и еден на граничниот премин, 52 мостови/вијадукти, како и железнички станици кај Крива Паланка и кај село Жидилово.

Според најавите од ЈП ЖРСМ Инфраструктура,  тендерската постапка за избор на изведувач што почна  во декември лани треба да се заокружи во третиот квартал годинава, а  активностите на терен да почнат следната година. Рокот за изградба, според тендерот, е пет години. 

Трите проектирани делници на источното крило на Коридорот 8 се со вкупна должина од 89 километри, од Куманово до Бељаковце 31 километар, од Бељаковце до Крива  Паланка 34 и од Крива Паланка до граница со Бугарија 24 километри.

Ревизијата, меѓу останатото, утврдила дека за периодот по 2021 година не е донесена петгодишна Национална
програма за железничка инфраструктура која претходно ја носеше Собранието, а со измените во регулативата сега ја носи Владата.

- Реклама -