ЕВН и жителите на Слупчане постигнале договор и екипите на Електродистрибуција ќе започнат со реализација на проектот за реконструкција на мрежата во Слупчане, соопштија од ЕВН.
„Постигнат е договор со мештаните на Слупчане, а гаранции се дадени од локалната власт и од страна на сите политички партии. Наредната недела во организација на министерот за економија и градоначалникот на Липково ќе се одржи состанок во општина Липково на кој ќе се договорат сите детали за организацијата и реализација на проектот и со работа на терен ќе се започне од 9-ти август, годинава“, информираа од ЕВН.
Во моментов, велат, екипите се на терен и работат на санација на дефектите.
Министерот за економија Крешник Бектеши, во централниот дневник на „Сител“, исто така најави дека проблемот ќе биде решен.
„Колку што сум информиран од страна на градоначалникот и од страна на наши претставници во Слупчане, проблемот ќе биде решен. ЕВН и жителите имаат некаков предлог договор“, рече тој.
„Не може ако одредено правно или физичко лице прави проблем, да страдаат сите. Мора да се направи мрежа согласно европските стандарди, каде што во случај физичко или правно лице да направи злоупотреби, за него да се исклучи снабдувањето со електрична енергија, а не и за неговиот сосед или целиот град“, додаде министерот.
Тој подвлече дека неговиот став е дека сметките за струја мора да се плаќаат, а загубите во електродистрибутивната мрежа да се намалат.
Извор: МИА