Последната средба на македонско-бугарската комисија: Полна со емоции и најнеуспешна досега

„Денешната средба беше седма по ред и слободно можам да речам дека беше најнеуспешната и најбесплодната досега. Дали тоа се должи на денешниот ден, петок 13-ти, или е резултат на ставови што се покажува дека се трајни, не знам“, рече денес бугарскиот копретседател на македонско-бугарската комисија за историски и образовни прашања – Ангел Димитров.

Комисијата два дена заседаваше во Софија, а денешниот ден требаше да биде посветен на Гоце Делчев, но поради различните гледишта на македонските и бугарските историчари, дискусијата тешко стигнала до темата.

„Вчера имавме една многу тензична и многу емотивна средба. Од бугарска страна не сакавме да стигне до тоа да имаме многу длабоки размени по прашање на минатото“, категоричен е Димитров. Тој потсетува дека Договорот за пријателство инсистира на идејата за заедничко минато, која треба да се анализира и да се одрази во учебнициците во двете земји, како и на предлог текстови што треба да бидат доставени до двете влади за заедничко чествување на видни личности од заедничката историја.

„Беа направени такви чекори досега, но од минатата средба како да почувствувавме еден недостаток на подготвеност да се направат чекорите кои нашата работа ги подразбираше. За нас е многу важно да ја продолжиме работата во духот не на компромиси, туку на основа на согласност, која може да биде постигната врз база на солидни аргументи. Ние во комисијата сме историчари и за нас е важно, кога зборуваме за историјата, да не ја интерпретираме низ некакви конјуктурни интереси. Сѐ што правиме треба да е насочено кон нешто многу трајно“, дополни Димитров.

Дека денешната средба била разочарувачка категоричен е и македонскиот копретседател на Комисијата – Драги Ѓорѓиев:

„Тоа се должи на различниот пристап кон проблемите кои ги решава. Главната цел на Македонија е да се постигне компромис на база на аргументите на двете страни и да се стигне до договор и баланс во гледиштата кон нештата. Денешната и вчерашната средби беа полни со емоции. Сметам дека не секоја средба може да резултира со изнаоѓање на решенија кои ќе бидат позитивни. На следните средби ќе ја разгледаме и темата за Гоце Делчев“, вели Ѓорѓиев, истакнувајќи дека за него работата на Комисијата е над сите рамки, вклучително и политичките.

Најголема причина за разидувањата во Комисијата било прашањето за Гоце Делчев, иако било разгледувано само на кратко:

„Со часови се разменуваа реплики. Основното разидување е тоа што нашата желба е да се разгледа, анализира и оцени историското значење и улогата на Гоце Делчев во неговото историско време. Колегите, меѓутоа, акцентот го ставаат на нивните гледишта за Гоце Делчев во еден подоцнежен период. Колку и да е чудно, денес речиси и не зборувавме за него. Се добива еден маѓепсан круг, во кој нашите позиции впрочем и не можат да се сретнат, а кога ќе се сретнат главно се случува судир. Ние сакаме да акцентираме поважни нешта. Гледиштата, кога зборуваме за една историска личност, не се важни“, вели Димитров.

Извор: 24часа.бг

- Реклама -