Обично земји се тепаат за секое зрно земја што можат да го приграбат, ама овде случајот е обратен. Сместено на границата меѓу Египет и Судан се наоѓа парче територија со навистина уникатна судбина. Тоа е една од последните ничии земји на планетата.
Не дека територијава има нешто посебно вредно; се работи за парче земја со плоштина од околу 2.000 квадратни километри, наречено Bir Tawil, а се наоѓа во еден најзапустените региони на Северна Африка. Релјефот е претежно песочен и карпест, без патишта, без постојани жители или природни ресурси. Со други зборови, тој регион нема ништо да придонесе во економијата на земјата што ќе го добие. Но сепак, има разлика меѓу тоа да не го сакате, и да одбивате да го земете, каков што е случајот со Египет и Судан.
Во близина на Bir Tawil има еден многу поголем триаголник земја – Halа’ib, кој исто така е карпест и со гола земја, но излегува на Црвеното Море, и затоа повеќе е ценет. Hala’ib го сакаат и Египет и Судан, ама проблемот е во тоа како е создадена границата меѓу нив.
Сé почнува во 1899 година, кога целата таа територија е под власт на Велика Британија, која во договор со Египет создава кондоминиум наречен Англо-египетски Судан. Практично Британците имаат целосна контрола врз Судан, додека Египет им е протекторат.
Меѓутоа, три години подоцна Велика Британија решава дека границата не ја отсликува реалната состојба на племињата во регионот, па решава да „размени територии“ – Bir Tawil (помалото парче) да му припадне на Египет затоа што племето кое живее таму има посилни врски со Египет, а Hala’ib (поголемото парче), затоа што таму живее племето Беџа, да му припадне на Судан.
Проблемот настанува кога Судан прогласува независност во 1956 година. Новата влада ги прогласува своите граници според кои Hala’ib е дел од Судан, како што решила Британија. Египет, пак, тврди дека тоа бил само привремен договор, и дека територијата му припаѓа нему уште кога е утврдена првата граница со договорот со Британија.
Со други зборови, која и од двете земји да го прогласи помалото парче Bir Tawil за свое, тоа значи дека се откажува од поголемата територија со излез на море – Hala’ib.
Затоа, додека другите земји се тепаат за секоја педа, Судан и Египет си го подаваат Bir Tawil како да е жежок компир; до ден денес на египетските карти стои дека Bir Tawil e судански, а на суданските карти дека Bir Tawil е египетски.
Во пракса, непожелната пустелија е ничија земја… Океј де, ако не ги броиме луѓето што одат таму и си поставуваат свои знамиња на заебанција, како двајцата Руси погоре, и овие во продолжение.