Независно од тоа кои животни се вашите омилени миленици, сигурно ќе уживате во оваа креативна фотосесија со кучиња во необични и вешто составени сценарија.
Фотографот Рон Шмит е сопственик на компанијата Loose Leashes, чија дејност е онлајн-продажба на симпатични принтови со најдобриот пријател на човекот.
Шмит вели дека овие фотографии ја претставуваат слободата што кучињата ја имаат кога не се врзани со ланец, односно работите што тие би ги правеле кога ќе нема никој околу нив и ќе добијат апсолутна слобода.
Иако во досегашното искуство Рон снимал фотографии со модна и со папараци-содржина, тој сосема случајно открил дека неговиот предизвик се токму фотосесиите со кучиња. Откако почнал да работи комерцијални фотографии, тој сакал да сними божиќна картичка за своето семејство, на која позирало неговото куче. Наместо да седи или лежи на традиционален начин, кучето носело новогодишно дрво на грбот.
– Тоа беше многу забавна и концептуална фотографија, што собра многу позитивни реакции. Бидејќи ги сакам и кучињата и фотоапаратите, на крајот ја открив и мојата судена професија – вели Шмит.