Порно генерација: 14-годишници со еректилна дисфункција

Еректилната дисфункција како резултат на порно (PIED, Porn-induced erectile dysfunction) e проблем што прв го истакна д-р Абрахам Моргенталер од Медицинската школа на Харвард. И станува сé почест и почест меѓу младите момчиња и мажи кои едноставно ја имаат загубено способноста да бидат сексуално возбудени, освен со порно.

Како што истакнува Rolling Stone, стотици илјади мажи се обраќаат до сајтови како Reboot Nation и Your Brain on Porn, каде што ги споделуваат своите проблеми околу сексуалната возбуденост. Гејб Дим, човекот зад Reboot Nation, вели дека многумина од мажите со кои зборува признаваат дека „не можат да го кренат“ како резултат на гледање порно на интернет.

„Историски гледано, и благо ветре е доволно за да возбуди момче во тинејџерски години; но сега зборувам со момчиња од 13 и 14 години кои велат дека не им се крева кога се до гола девојка“.

Да го игнорираме фактот дека 13 и 14-годишници имаат секс (добро де, пробуваат да имаат)… Проблемите со ерекцијата обично се поврзуваат со нешто постарите мажи, но трендот за кој говори Гејб го потврдуваат и експерти во полето. И тие сметаат дека причината е „интензивното користење на порно“.

„Забележувам апсолутно драстично зголемување во стапката на еректилна дисфункција кај младите мажи, особено во последните две, три години“, вели секс-терапевтката Ванеса Мартин. Просечната старост на нејзините пациенти, додава, сé повеќе се намалува.

Порнографијата стана лесно достапна онлајн во многу форми, и иако не е јасно дали е 100% виновна за нагорните трендови, дефинитивно коинцидира со зголемувањето на бројот на случаи со еректилна дисфункција. Како можни причини се спомнуваат и процесираната храна и лековите, но со оглед на присутноста на порното во најголем број од случаите, се извлекува заклучок дека веројатно тоа е главниот проблем.

Прочитајте и:  „Дејли мејл“: Севернокорејските војници во Русија прв пат со пристап до Интернет, го користат за... порно

И не дека нема логика. Гери Вилсон, автор на книгата „Your Brain on Porn“, во TED предавањето од 2012-та детално опиша како порното предизвикува ослободување на допамин во мозокот (колку повеќе и поредовно, толку повеќе станува „имун“), па тоа води мажите да бараат сé поекстремна содржина, во меѓувреме резултирајќи со сексуално-здравствени проблеми.

Истово го докажуваат и студиите. Во таа извршена врз 300 мажи и жени во San Diego Naval Centre, беше утврдена јасна поврзаност меѓу порното и разните сексуални дисфункции.

Роберт Вејс – секс терапевт и советник по прашања околу интимноста, за Huffington Post наведува дел од признанијата на неговите пациенти по раѓањето на интернетот:

„Девојка ми вели дека се чувствува како да не сум таму кога имаме секс. Се жали и дека ми треба премногу долго за да достигнам оргазам“.

„Имам суперцврста ерекција кога гледам порно, ама кога сум со жена се борам и за да добијам, и за да ја одржам ерекцијата“.

„Кога имам секс со жена ми, мислам на порно. Инаку не можам да го кренам. Дури мислам дека можеби повеќе преферирам порно отколку вистински секс“.

Чаре?

Да не се гледа порно е добар старт. Тие што имале проблеми, велат дека сексуалните перформанси им се враќаат во нормала после неколку месеци апстинирање од онлајн порно. Со отстранување на стимулацијата што порното ја има врз мозокот на индивидуата, хемиските и физичките параметри се враќаат во нормала дури и кај зависниците од порно, иако кај нив обично треба подолго време.

- Реклама -