Со убедлив пораз од 3-0 против Холандија, Македонија во Амстердам го заврши настапот на Европското првенство.
Во емотивниот натпревар, последен за капитенот Горан Пандев во националниот дрес, најемотивниот момент беше токму 68. минута, кога човекот со најмногу голови во репрезентацијата, човекот кој го постигна историскиот прв гол за Македонија на едно големо натпреварување, беше заменет.
Излегувањето од теренот на „бате Горан“, како што го викаат помладите соиграчи од националниот тим, беше проследено со аплаузи од „Јохан Кројф“ арената, вклучително и од славниот Весли Снајдер, како и овации од македонските навивачи кои го скандираа неговото име. Емоциите на Пандев посебно дојдоа до израз кога минуваше низ шпалирот и прегратките на соиграчите.
Натпреварот против Холандија беше 122 натпревар во националните бои за Пандев. Моментот беше одбележан и на почетокот на мечот, кога капитенот на „лалињата“ – Џини Вајналдум, му подари холандски дрес со името „Pandev“ и број 122, колку што одигра омилениот Гоче за Македонија.