Во периодот од 12 до 17 часот Акропол ќе биде затворен за посетители, а затворени денеска и утре ќе бидат и училиштата и градинките во повеќе делови на Грција, поради топлотниот бран што ја зафати земјата, а се очекува да кулминира во текот на утрешниот ден, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за култура на Грција, утрово соопштија дека поради високите температури, Акропол пет часа ќе биде затворен.
Општините во повеќе делови на земјата, меѓу кои и во Атина, донесоа одлука училиштата и градинките денеска и утре да останат затворени.
Грција од вчера ја зафати топлотен бран со екстремно високи температури што до петок ќе достигнат до 43 степени Целзиусови, а надлежните министерства објавија мерки за заштита на граѓаните, меѓу кои можност за работа од дома за државните службеници, но и за вработените во приватниот сектор, доколку е изводливо.
Според порталот Метео на Националната опсерваторија во Атина, рано утрово 63 од вкупно 502 метеоролошки станици во Грција регистрирале температури над 30 степени, додека пак на островите Наксос, Родос и Крит во 8.10 часот утрово температурата била од 32,3 до 34,6 степени Целзиусови.
Според грчките метеоролози ова е првиот топлотен бран во првата половина на јуни во последните најмалку 50 години.
Паралелно, поради високите температури, зголемена и опасност од пожари.