Поради ескалација на тензиите, САД испраќаат дополнителни трупи на Блискиот Исток

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер, не прецизира детали за тоа колку дополнителни сили ќе бидат испратени и која ќе биде нивната мисија. Во моментов, САД имаат околу 40 000 војници во регионот

Соединетите Американски Држави (САД) имаат намера да испратат дополнителни трупи на Блискиот Исток поради ескалација на тензиите меѓу Израел и либанската милитантна група Хезболах во Либан, што го зголеми ризикот од поголема регионална војна, објави денеска Пентагон.

Фото: EPA-EFE/STRINGER

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер, не прецизира детали за тоа колку дополнителни сили ќе бидат испратени и која ќе биде нивната мисија. Во моментов, САД имаат околу 40 000 војници во регионот.

„Како мерка на претпазливост, испраќаме дополнителен број американски воен персонал за да ги зајакнеме нашите сили веќе во регионот на Блискиот Исток“,

рече портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Патрик Рајдер, на прес-конференција.

Распоредувањето на американските сили доаѓа по зголемените напади на израелските сили врз цели во Либан во кои загинаа стотици луѓе, додека Израел се подготвува за понатамошни операции. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги предупреди либанските цивили да ги напуштат своите домови пред дополнителни воздушни напади.

Повик да го напуштат Либан до своите граѓани упати и американскиот Стејт департмент.

„Поради непредвидливата природа на тековниот конфликт меѓу Хезболах и Израел и неодамнешните експлозии низ Либан, вклучително и Бејрут, Амбасадата на САД ги повикува американските граѓани да го напуштат Либан додека остануваат достапни комерцијалните опции“,

предупреди во саботата Стејт департментот.

Портпаролот на Пентагон, генерал-мајор Пет Рајдер, не сакаше да каже дали тие дополнителните американски сили кои се испраќаат во регионот би можеле да поддржат евакуација на тие граѓани доколку е потребно.

- Реклама -