Попусти за сместување и бесплатен паркинг за српските туристи летово во Дојран, како благодарност за вакцините

Дојранскиот градоначалник Анго Ангов и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот Љупчо Јаневски, договорија летово српските туристи во Дојран да добијат попусти во туристичко угостителските објекти и бесплатен паркинг.

Се работи за гест во знак на благодарност за донацијата на вакцини против ковид-19 од страна на Србија, во вредност од околу 700.000 евра, но и за мерка за засилена промоција на Дојран како туристичка дестинација во регионот.

„Целта е со овој гест да возвратиме на хуманоста и солидарноста од Србија,но и да им помогнеме на домашните туристички работници кои периодов се во криза, како и со олеснувањата да дадеме придонес српските туристи да не ја одминат Македонија како туристичка дестинација“, изјавија градоначалникот на Дојран – Анго Ангов, и директорот на Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот – Љупчо Јаневски.

Со ваквата промоција, се очекува да се искористат можностите од транзитниот туризам, со реализација на повеќе од 150 илјади ноќевања годинава.

 

- Реклама -