Трансферот на Горан Попов од Динамо Киев во Стоук и дефинитивно пропадна поради неможноста на македонскиот репрезентативец да извади работна дозвола за да настапува во Премиер лигата.
Иако челниците на Стоук беа уверени дека овие техникалии нема да претставуваат никаков проблем, правилата на британските власти се јасни и не дозволуваат играчи од ниско рангирани земји да настапуваат во елитното англиско фудбалско друштво.
„Разочаран сум бидејќи мојот трансфер од соништата пропадна затоа што сум Македонец. Клубовите имаа постигнато договор, јас ги имав договорено личните услови, но сè е попусто кога не извадив работна дозвола. Проблем претставува единствено лошото рангирање на македонскиот фудбал, фактот дека сме 102. репрезентација во светот ме оневозможи да се преселам во Англија. Претходно имаше Македонци во Премиер лигата, но тогаш нашето рангирање беше околу 60. позиција на ФИФА-листата. Сега, кога ја минавме и стотката, тоа е многу лошо“ изјави Попов за британските медиуми пред да тргне назад кон Киев.
Водечките луѓе на Стоук се надеваат дека ќе успеат да најдат начин да ја комплетираат позајмицата на македонскиот дефанзивец во своите редови, но со оглед на ригорозноста на правилата, тешко е за верување дека тоа ќе се случи. Поради ова, Попов е принуден да се врати во Динамо Киев, каде што го загуби статусот на стандарден првотимец од Нигериецот Таиво.
„Се надевав дека во својот прв меч во Премиер лигата ќе ми биде против Арсенал, дека потоа ќе играм против Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед. Убеден сум дека сум доволно добар за со успех да настапувам во Премиер лигата, затоа и сум толку разочаран што големата желба што ја имам нема да ми се исполни“ вели македонскиот ас, којшто токму поради овие преговори го пропушти пријателскиот натпревар со Литванија.