Стратегот на Вест Бромвич Албион, Стив Кларк, упати низа комплименти на адреса на Горан Попов откако македонскиот ас во неделата дебитираше за својот нов клуб.
Кларк се реши да му даде можност на Македонецот со „огнено крштевање“, со оглед на фактот дека градските дерби дуели меѓу ВБА и Астон Вила секогаш важат за пресметки со огромен интензитет, но Попов одговори на предизвикот и одигра одличен натпревар.
„Горан имаше повреда што го мачеше петнаесетина дена, веднаш штом се рехабилитираше решив да му дадам шанса. Не се сомневав дека ќе се покаже во добро светло против Астон Вила, тоа навистина е дерби меч, но Попов во својата кариера има одиграно голем број дерби дуели. Тоа беше очигледно и при неговите интервенции во текот на натпреварот, говориме за многу сигурен дефанзивец којшто лесно се префрла и на противничката половина, а згора на тоа има и силен удар со левата нога. Тој сигурно ќе ни ги зголеми опциите при кроењето на тактиката за следните натпревари“ изјави Кларк.
ВБА во следното коло на домашен терен ќе го пречека составот на Квинс Парк Ренџерс, меч за којшто Попов најверојатно ќе го задржи статусот на првотимец.