Една од најтешко погодените провинции е Каобанг, каде 19 лица загинаа, а 36 се водат како исчезнати поради свлечишта во ридскиот регион
Бројот на жртвите од тајфунот Јаги и придружните обилни дождови кои предизвикаа поплави и свлечишта во Виетнам се искачи на 127 лица. Дополнително, 54 лица се водат како исчезнати, а 764 се повредени. Како што објави виетнамската државна телевизија ВТВ, поголемиот дел од жртвите настрадале во порои и свлечишта.
Јаги беше најмоќниот тајфун кој го погоди Виетнам во последниве децении, носејќи ветрови со брзина од 149 км/ч. Тој стигна до бреговите на Виетнам во саботата и предизвика смрт на девет лица. Иако во неделата ослабе, дождовите продолжија.
Нивото на водата во неколку реки, вклучително и Црвената Река која тече низ главниот град Ханој, е опасно високо. Властите денеска евакуираа семејства кои живеат во близина на реката.
Една од најтешко погодените провинции е Каобанг, каде 19 лица загинаа, а 36 се водат како исчезнати поради свлечишта во ридскиот регион.
Спасувачките операции продолжуваат во сите погодени региони, каде што голем број инфраструктурни објекти се оштетени, а многу семејства се оставени без засолништа.