Денот на Земјата денес е подолг отколку што некогаш бил. Зголемувањето е мало; на интервал од 100 години, времетраењето на денот се продолжува за само неколку милисекунди. Таквиот ефект можеме прецизно да го измериме од релативно неодамна, во последниве неколку декади.
Користејќи атомски часовници и ултра-прецизни мерења на далечни квазари, денес можеме да ја измериме должината на денот до степен на наносекунди. Нашите мерења се толку прецизни што можеме да опсервираме разни флуктуации во времетраењето на денот, па дури и такви што се предизвикани од земјотреси, на пример.
Знаејќи дека овие мали флуктуации постојат, како и дека можат да бидат предизвикани од прилично чести појави (како поголемите земјотреси), се наметнува прашањето: Колку се променила земјината ротација низ историјата?
Една од причините зошто деновите на Земјата стануваат подолги е гравитационото привлекување кое нашите океани го трпат од страна на Месечината. Плимите „плискаат“ врз Земјата, постепено забавувајќи ја нејзината ротација. Гледано од аспект на милиони години, тоа значи дека некогаш деновите на Земјата биле дури и за еден час пократки од денешните, а оттаму имало и повеќе денови во годината.
Ефектот се гледа од геолошките податоци, кои покажуваат дека пред 620 милиони години денот на Земјата траел околу 22 часа. Да се измери должината на денот денес во споредба со денот во геолошката ера, меѓутоа, е мошне тешко. Стотици години порано немавме часовници доволно прецизни да ја мерат ваквата варијација, а и тоа што должината на денот е зависна од ротацијата на планетата ја прави таквата споредба невозможна. Сепак, не многу одамна, науката најде начин да ја проучува промената во должината на деновите на Земјата.
Опсервации од минатото
Иако нашите претци немале прецизни часовници, ги бивало за астрономија. Тие опсервирале и документирале разни астрономски настани, како засенувањето на сјајни ѕвезди од Месечината или помрачувањата на Сонцето. Појавата на овие настани, од наша перспектива, тесно зависат од тоа каде си и кога си.
Ако, на пример, астроном во еден град ја гледа Месечината додека поминува пред некоја ѕвезда, астроном во друг град во истиот момент ќе види само како Месечината поминува во близина на таа ѕвезда. Па така, преку споредба и анализа на опсервациите од овие астрономски настани и времето во кое се случени – а пресметано со помош на орбиталните движења на Земјата и Месечината, знаеме точно кога и каде се случиле. Усогласувајќи повеќе опсервации заедно, можеме да ја пресметаме просечната стапка на зголемување на должината на денот. Излегува дека е околу 1.8 милисекунди на еден век.
Едниот воодушевувачки аспект на овој резултат е тоа што можеме да ја одредиме оваа стапка со помош на историските документи. Се работи за опсервации стари и по 2 и пол милениума, запишани на разни јазици и разни локации. Нивното собирање и „обединување“ не е едноставен процес.
Другиот аспект е дека оваа стапка е всушност помала од таа што се претпоставуваше врз основа на ефектот од плимите и осеките кои се резултат на привлечната сила на Месечината (околу 2.3 милисекунди по век). Веројатно оваа разлика се должи на промената во генералната форма на Земјата. Знаеме, на пример, дека топењето на мразот од леденото доба (пред околу 10.000 години) резултирало со ослободен притисок врз половите на Земјата, дозволувајќи и да се врати кон посферична форма. Тоа, пак, ги скратува деновите на Земјата (во мала мера). Како и да е, комбинацијата од овие два ефекти ја дава историската стапка што ја гледаме денес.