Помина предлогот на ВМРО-ДПМНЕ законот за задолжување кај Унгарија да биде на дневен ред на 14. седница

За предлогот дневниот ред на 14. седница на Собранието да биде дополнет со овој Предлог-закон „за“ гласаа 62 пратеника, а 16 беа „против“. Владата предложи овој закон да се носи по скратена постапка

По целодневна расправа и неколку паузи Собранието доцна попладнево со 58 гласа „за“, 14 „против“ и без „воздржани“ го утврди дневниот ред на 14. седница.  

Од денешната седница на Собранието на РСМ / Фото: Принтскрин

Доцна попладнево помина и предлогот на пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски дневниот ред на седницата да се дополни со Предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка.  

За предлогот на пратеникот „за“ гласаа 62 пратеника, а 16 беа „против“.  

Владата предложи овој закон да се носи по скратена постапка.  

Образложувајќи ја потребата од дополнување на предлог-дневниот ред со оваа точка, Стојаноски рече дека половина од парите од задолжувањето кај Унгарската експорт-импорт банка ќе завршат директно кај стопанството, а другата половина кај општините кои со нив треба да спроведат капитални и инфраструктурни проекти. 

На предлогот на пратеникот реагираше неговиот колега и координатор на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски. Неговата реакција се однесуваше на тоа што законот се предлага по скратена постапка, без претставник на Владата.  

Инаку, во образложението на предлог-законот за задолжување на Република Северна Македонија од 500 милиони евра кај Унгарската експорт-импорт банка, кој се носи по скратена постапка, меѓу другото, се наведува дека Република Северна Македонија ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од страна на Унгарската експорт-импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност. 

Провизијата за извршени правни услуги ќе се плати пред повлекување на траншата. 

Во врска со провизиските трошоци за правни услуги кои земјава треба да ѝ ги плати на фирма по избор на Унгарската банка, претходно денеска говореше и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека ќе бидат во износ од 70 илјади евра. Оваа сума, како што кажа тој, е десетпати помала од она што во минатото како држава сме го плаќале за претходни задолжувања. 

Коментирајќи го Предлог-законот за заемот од Унгарија, лидерот на СДСМ и пратеник, Венко Филипче денеска од Струмица рече дека станува збор за голем корупциски проект, за кој каматите ќе ги плаќаат идните генераци. 

Според него, корупција во овој закон се гледа од авион. Најави дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат формите што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, а сите работи што ќе ги откриваат, како што рече, ќе ги презентираат на јавноста. 

Претходно претпладнево со 71 глас „за“ пратениците ја утврдија потребата по скратена постапка да се донесе Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кој, како што рече Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ ќе се реализира предизборното ветување на владејачката партија за линеарно зголемување на пензиите. 

Собранието со  69 гласа  „за“, 17 „против“ и без воздржани, прифати по скратена постапка во рамките на 14. седница да се носи и Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа. 

На барањето паузи и на негодувањата од опозицијата, претходно денескса реагираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски. Тој во процедурално обраќање ја повика опозицијата да влезе во салата, а не да стои во ходниците и на тој начин да го опструира донесувањето на два важни закони кои ги засегаат сите граѓани.  

 „Цел ден опозицијата со повикување на паузи од по еден час се обидува да се направи опструкција при донесувањето на дневниот ред и да се спречи Собранието да донесе два важни закони. Да се биде надвор од салата кога во процедура е Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување со кој планираме на сите пензионери во државава да им ја зголемиме пензијата линеарно за 2 500 денари, почнувајќи од септемвриската пензија и дополнителни 2 500 денари со мартовската пензија е се само не е сериозност“,

рече Мицевски. 

Тој посочи дека е неодговорно да се опструира и донесување на Закон за заем од половина милијарда евра со поволни услови. 

- Реклама -