Заврши протестот организиран од роднините на осудените во случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското езеро. Се повлече и полицијата, откако се разотидоа и најголемиот дел од најупорните агресивно настроени поединци меѓу демонстрантите, главно млади лица.
Протестот официјално заврши кратко по налетот на неколку лица маскирани со качулки и фантомки кои започнаа да удираат по полицајците/штитовите со тупаници, а поединци од толпата продолжија да фрлаат со разни предмети, вклучително и камења. Но дури и откако организаторите лично прогласија дека протестот е завршен и најголемиот дел од демонстрантите се разотидоа, помала група, составена од оние најагресивните, продолжи да фрла и да ја провоцира полицијата. Неколку минути подоцна полицијата возврати со мини-офанзива и почна да „ја потиснува“ преостанатата толпа, придвижувајќи се десетина метри понапред. Како резултат, само помала (безопасна) група од 30/40-тина претежно млади лица остана да довикува и да се обидува да дофрли со камења до полицијата. Дури и во тие моменти меѓу нив можеа да се забележат неколку од лицата во бели маици, дел од организацијата на протестот, кои и натаму ги смируваа провокаторите, исто како што и претходно во најтензичните моменти тоа го правеа со помош и на другите демонстранти, вклучително и со повици дека „полицијата не е виновна“.
Во текот на целиот протест евидентна беше умерената реакција на полицијата. Дури и кога оваа група демонстранти фрли неколку димни бомби, полицијата наместо „да нападне“, се повлече неколку метри. И последните тензии згаснаа кога двајца „преговарачи“ од преостанатата група пристапија до полицајците и „се договорија“ дека ќе се повлечат ако се повлече и полицијата. Набрзо и новинарите ги изгасија камерите и полицајците започнаа да заминуваат.