Најдобар филм во целина меѓу десетте во официјалната селекција на 14-от Фестивал на европски филм „Синедејс“ е филмот „Помеѓу 10 и 12“, копродукција на Холандија, Белгија и Франција во режија на Петер Хугендорн…
Одлуката за оваа награда (Златна ѕвезда) ја донесе жирито: Михаела Сирбу, Роелоф Јан Минербо и Владимир Блажевски, кое синоќа на затворањето на фестивалот во киното Милениум ги прогласи годинашните победници.
Според жирито, „Помеѓу 10 и 12“ е суптилна и прецизна визуелна приказна за тагата која им овозможува на гледачите да бидат дел од патувањето на ликовите, без да наметнува емоции.
Македонскиот филм „Три дена во септември“, со кој на 12-ти овој месец беше отворен фестивалот, доби награда за најдобро сценарио меѓу филмовите во официјалната селекција. Наградата ја примија сценаристите на филмот Игор Иванов-Изи и Даријан Пејовски.
– Драго ми е за оваа награда, мислам дека сценариото беше една од најважните причини што успеваме да собереме толку прекрасна екипа со нас, рече Пејовски кој е и режисер на филмот.
За најдобар режисер во официјалната селекција беше прогласен Иван Остроховски за словачко-чешкиот филм „Коза“, а Специјално признание за најдобар актер „Синедејс“ му додели на Петер Курт од германскиот филм „Херберт“.
Од шесте филмови во компетиција во програмата СинеБалкан најдобар годинава е бугарско-украинскиот „Снег“ во режија на Венцислав Василев. Според одлуката на жирито во оваа селекција (Дејана Прњат, Мете Созер и Сали Салији) филмот е преполн со егзистенцијална филозофија.
Втора година по ред „Синедејс“ организираше конкурс за филмска критика, на кој од над 50 пристигнати рецензии, жирито (Влатко Галевски, Ана Поп Стефанија и Васко Маглешов) додели три награди: прва за Марина Верушевска, втора за Ивана Сарош-Нелковска и трета награда за Сашо Пшенко.
Четиринаесеттиот „Синедејс“ вчеравечер, 21-ви ноември, заврши со проекција на словенечкиот филм „Шишка Делукс“ во кој партиципира и Македонија.
Годинава фестивалот понуди повеќе од стотина филмови во неколку програми: покрај Официјалната и СинеБалкан, имаше и програма на музички документарци и кратки филмови, Гала-програма со остварувања на најнаградувани и најпознати режисери оваа година, а во придружната програма беа организирани работилници, панел-дискусии и концерти.