Вечерва, во 20:15 часот, полскиот режисер Грегор Брзозович ќе биде специјален гостин на 10. Skopje Cinema City. Овој фестивал на документарен филм годинава ја стави Полска во центарот на својата програма, претставувајќи го богатството на полската кинематографија преку делата на Брзозович.
Во летното кино на Кинотеката ќе бидат прикажани два од неговите филмови: „Пријатели со 33 вртежи“ и „Станислав Сиревич“.
„Пријатели со 33 вртежи“ ја раскажува приказната за необичното пријателство меѓу двајца графички дизајнери, Рослав Сајбо и Станислав Загорски, кое траело преку 60 години. Филмот започнува со изложба на преку 50 корици за винили и каде овие двајца уметници дискутираат за годините поминати на студии на Академијата за фини уметности во Варшава, Полското школо за постери и нивните соработки со уметници како Кшиштоф Комеда, Velvet Underground, Cream, The Clash, Пол Сајмон и Арт Гарфанкел.
Вториот филм на вечерта ја раскажува приказната за кариерата на Станислав Сиревич, извонреден филмски композитор чија работа е малку позната во Полска. Роден во советски логор, Сиревич на 9-годишна возраст е прогласен за клавирско чудо, но по завршувањето на музичката академија го напушта концертирањето и започнува студии на режисерскиот отсек на театарската школа во Варшава. Сиревич компонира и хитот “Śpiewać każdy może” и соработува со светски познати уметници како Џо Кокер, Маријан Феитфул, Дајан Китон и The Rolling Stones. Компонира музика за преку сто филмови во Франција, Велика Британија и САД.
Една од неговите значајни соработки е со полската пејачка Едита Горњак, која го освојува второто место на Евровизијата во 1994 година со неговата песна “To nie ja!”. Година подоцна, Сиревич ја добива престижната награда Ace Award. Неговата кариера продолжува со голем успех и соработка со холивудски продуценти, но по силниот земјотрес во Лос Анџелес, тој се враќа во Лондон и започнува најплодниот период во својата уметничка кариера.
На премиерите на филмовите со неговата музика гости се принцот Чарлс, принцезата Дајана и кралицата Елизабета II. Неговите плочи се издаваат ширум светот, а саундтракот за серијата “The Choir” стигнува до третото место меѓу најпопуларните изданија во Велика Британија. Филмот на Брзозович не е само приказна за кариерата на извонреден уметник, туку и за тешките времиња низ кои минувал главниот протагонист додека твори.
Доаѓањето на Брзозович во Скопје е ретка можност да се запознаеме со неговата работа и да научиме повеќе за големите уметници кои ги обликувале нашите културни хоризонти. Не ја пропуштајте оваа уникатна филмска вечер!