Полскиот претседател Анджеј Дуда го потпиша законот со кој на продавниците и маркетите во земјата им се забранува да работат во недела, соопштува полската информативна агенција IAR.
Целта на новата легислатива е луѓето кои работат во секторот на трговијата да можат да имаат нормален слободен ден кој ќе го поминат со своите семејства.
Во моментов во тој сектор се вработени околу 1.2 милиони од вкупно 38-те милиони Полјаци.
Законот прави исклучок за одредени продавници – како онлајн продавниците, помалите бензински пумпи, аптеките, како и пекарите и фурните, каде обично се работи од 6 до 13 часот. Ако сакаат, ќе можат да работат и сопствениците на малите семејни продавници, под услов да немаат ангажирано вработени.
Обичните продавници и супермаркетите ќе бидат затворени. Освен тоа, се воведува и ограничување во работното време во деновите пред Божиќ и во саботата пред Велигден – тогаш во трговијата ќе се работи најмногу до 14 часот.
Законот ќе се воведува етапно. Годинава забраната ќе стапи на сила од 1-ви март и ќе важи две недели во месецот. Во 2019-та нема да се работи три недели во месецот, а во 2020-та законот веќе ќе важи за секоја недела во месецот.
Според последните анкети во земјата, околу 51% од Полјаците се согласни со новите измени.