Најмалку 15 милиони евра во изминативе 5 години „искеширала“ од буџетот фирмата Арбериа Десигн од Тетово, која ќе го организира поголемиот дел од прославата на 20-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, покажуваат податоците од владината датабаза „Отворени финансии“, објави „Радио слободна Европа“. Вториот дел од набавката го добила фирмата друштво за промет и туризам ЕУРО- Турист Зибер Дооел, исто така од Тетово.
По 20 години од неговото потпишување, Рамковниот договор повторно ја бранува јавноста бидејќи се планира прослава со 300 гости во момент кога состојбата со коронавирусот повторно ескалира, а сѐ во државата е во сенка на борбата против пожарите што ја зафатија земјава, констатира РСЕ.
Сепак, за прославата ќе бидат потрошени најмалку половина милион евра. Како што пишува РСЕ, Арбериа Десинг во Централниот регистар е заведена како фирма која се занимава претежно со дејноста издавање на книги, а во изминативе пет години најчесто добивала тендери од Министерството за образование, од Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, од Биро за развој на образование и од Државниот универзитет од Тетово.
Според тендерот, таа ќе треба да изнајми една конференциска сала во хотел со пет ѕвездички во Скопје за 300 учесници, но и уште една конференциска сала надвор од Скопје. Треба и да се погрижи за апетисани, храна и безалкохолни пијалоци и жесток алкохол. Фирмата ќе треба да обезбеди и хотелски, како и рекреативни, спортски и културни услуги за гостите, во кои спаѓаат и ангажирање на македонски и странски ѕвезди и бендови, водители, филхармониски оркестар и културно уметнички друштва.
Арбериа Десинг треба да обезбеди и озвучување на сала за 300 гости за сериозна музика, потоа озвучување на сала за дебати до 300 гости, како и озвучување на сала за забавна музика до 5 илјади гости и озвучување за концерт на отворен простор до 10 илјади гости.
Според делот „креатива“ од тендерот, оваа фирма ќе треба да изработи и видео спот со песна, неколку промотивни видео спотови, стихотворба, документарец на 500 DVD-дискови во свечена футрола, плакати, билборди, стручен труд за придобивките и ексклузивни кожни папки со втиснато лого од 20-годишнината.
Другата фирма е задолжена за авио-билети и сместувања, а еден од условите е да поседува барем една лимузина… Целиот текст и сите детали прочитајте ги ТУКА.