Поранешен полицаец од Виртон, Западна Вирџинија, неодамна откри за локалните медиуми дека летово бил отпуштен заради тоа што одговорил на повик и не го застрелал човекот кој држел пиштол. За прв пат од отпуштањето на 6 јуни, тој проговори за деталите од инцидентот, при кој човекот сепак заврши мртов, иако не од неговата рака.
На 6 мај, Мадер одговорил на повик за домашно насилство, каде што увидел дека човекот присутен на местото – Роналд Д. Вилијамс, држи пиштол во десната рака. Мадер, стоејќи зад паркираниот автомобил на Вилијамс, забележал дека Вилијамс го држи пиштолот спуштен кон земјата, и наслушнал дека всушност се работи за очаен човек кој сака да се самоубие. Тогаш Мадер донел брза одлука да не пука во Вилијамс, кој имал 23 години, и наместо тоа да се обиде да ја деескалира ситуацијата.
„Почнав со благ и смирен тон“, рече Мадер за локалниот Post-Gazette. „Му реков ‘Спушти го пиштолот’, а тој ми рече ‘Дај само убиј ме’. Ја му реков ‘Нема да те убијам, брате’. Тогаш почна да го мрда зглобот за да ме натера да реагирам. Јас сметав дека можам да зборувам со него и да решам ситуацијата. Знаев дека се работи за ‘самоубиство-од-полицаец’ ситуација“.
Во меѓувреме, на сцената влетуваат други двајца полицајци, а кога Вилијамс прави чекор кон нив, со пиштолот сé уште во раката, едниот од нив пука и го погодува во главата, убивајќи го на лице место.
После 11-те слободни денови, кои се задолжителни за полицајците кои ќе се најдат во слична ситуација, Мадер се вратил на работа, но само за да биде испратен кај шефот на одделот, кој му соопштува дека ќе има истрага за да се утврди дали Мадер ќе продолжи да работи како полицаец. „Изложи двајца други полицајци на опасност“, биле зборовите на шефот.
Три недели подоцна, Мадер бил отпуштен, со официјална причина дека „не успеал да елиминира закана“, што е страшно иронично, бидејќи подоцна се утврди дека пиштолот на Вилијамс бил празен. Мадер лично, исто така смета дека тоа е апсурдно, особено што официјалниот став е дека реакцијата на другите полицајци била оправдана, со што Мадер се сложува. Тој не ги обвинува, затоа што тие едноставно не биле таму претходно и не ги сведочеле зборовите и акциите на очајниот човек кој едноставно имал намера да си го прекине животот.
„Тие ја немаа информацијата што јас ја имав. Тие не знаат ништо што јас чув. Сé што тие знаеја е дека г-ин Вилијамс мафта со пиштол кон нив. Штета е што се случи така, но не мислам дека тие згрешија“. Многумина се обидуваат да го докажат спротивното, пред сé заради трендот во САД бели полицајци да убиваат невини и невооружени црни осомничени.
Мадер пак, е убеден дека го направил правилното нешто. Кога адвокатот го советувал да си ја олесни ситуацијата и да признае вина и да поднесе отказ, Мадер одбил. „Да дадам отказ и да признаам дека сум згрешил – тоа ќе ме изедеше одвнатре. Сметам дека сум во право со тоа што го направив. И ќе стојам зад тоа до гроб“.