Женева, 23 ноември 2022 (МИА) – Светската здравствена организација (СЗО) планира да ги преименува мајмунските сипаници во „сипаници“ во обид да ја намали стигматизацијата за оваа болест, јави Политико.
Според весникот, што се повикува на познати извори, одлуката би можела да биде објавена уште денеска, откако во летото беше постигнат првичен договор СЗО да ги разгледа предлозите за ново име за мајмуните сипаници.
Предложеното преименување доаѓа под притисок на американската Влада, која бара од СЗО да преземе брза акција за отстранување на стигматизацијата околу името на болеста.
Високи функционери во администрацијата на претседателот Џо Бајден приватно ги повикаа лидерите на организацијата да го променат името и навестија дека САД се подготвени да дејствуваат еднострано по ова прашање доколку СЗО не дејствува доволно брзо, пишува весникот.
Администрацијата на Бајден со месеци се грижи дека името на болеста ја продлабочува стигмата, особено меѓу обоените луѓе, и дека бавното движење кон ново име ги попречува напорите за вакцинација што американските власти ја почнаа летото, откако мајмунските сипаници претходно се проширија во САД, изјавија цитираните извори.
Здравствените експерти и ЛГБТ активистите, исто така, повикаа на промена на името дадено на болеста од нејзиното откривање во 1958 година. Тие велат дека името мајмунски сипаници е неточно, поврзано со расистичките стереотипи за Африка и има штетен ефект врз глобалните напори за борба против болеста, забележува „Политико“.