„Политика“: Маскиран со шешир и очила за сонце кои не ги симнувал, Груевски избегал преку Тирана

Добивајќи од своите соработници во системот на власта информација дека полицијата се подготвува да го уапси, Груевски со лажен пасош ноќта ја поминал македонско-албанската граница и илегално стигнал до Тирана. Таму бил прифатен во амбасадата на Унгарија, а со првиот утрински лет на унгарската авиокомпанија „Малев“, Груевски директно од Тирана пристигнал во Будимпешта, пишува српскиот весник „Политика“. Според весникот, Груевски бил маскиран со шешир и очила за сонце, кои не ги симнувал ниту за време на летот, а екипажот немал претстава кој е мистериозниот патник.

Во моментот кога македонската потерница стапи на сила, некаде околу 10 часот претпладне, Никола Груевски веќе бил во Будимпешта, од каде, пишува весникот, „испрати топла порака до властите во Скопје дека ги надиграл, но дека ја сака Македонија и дека секогаш ќе биде со неа. Секако, ја сака и слободата. Личната“.

Прочитајте и:  Влен: Претставници на ДУИ, СДСМ и Пендаровски во март се сретнале во Вила Водно за враќање на Груевски

Од весникот прашуваат како е можно полицијата воопшто да не знаела каде се наоѓа Груевски, и како е можно да не го идентификувале македонските и/или албанските гранични служи, кога се знаело дека пасошот со месеци му бил одземен. Дали потфрлила македонската или албанската страна, или сé е ова план на САД како најелегантна опција Груевски да се „тргне“ во Унгарија и да биде џокер за некои идни времиња, ако Заев не биде конструктивен како што сакаат Тирана и Вашингтон?, прашува весникот.

Во текстот се истакнува и големата симболика и иронија во целиот случај – имено, главниот противник на „Тиранската платформа“ да побегне токму преку Тирана.

- Реклама -