Полициски службеник и уште едно лице осомничени за продажба на кокаин во Гостивар, Тетово и Скопје

По повеќемесечна предистражна постапка, денеска под раководство на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и затворска полиција, беше спроведена акција под кодно име „Ланец“. Во акцијата се лишени од слобода две лица осомничени дека сториле кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од чл.215 ст.3 вв со ст.1 од КЗ.

„Лицата, од кои еднотo e полициски службеник, од месец декември минатата година до денес на територијата на Гостивар, Тетово и Скопје заедно со уште едно, до сега неидентификувано лице, се здружиле и организирале неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога кокаин. Дрогата во повеќе наврати ја купувале од НН лица и ја држеле на безбедни локации во Гостивар и Скопје. Откако полицискиот службеник ќе стапeл во контакт со заинтересирани лица кои сакале да набават наркотична дрога кокаин, ја договарал количината и цената. Потоа сам или заедно со некој од останатите членови на групата спакуваниот кокаин во поединечни пакувања со нето маса од по 0,50 грама до 1 грам по пакувања неовластено го пренесувале и продавале. Цената по пакување, зависно од грамажата се движела од 2.500 до 6.000 денари, а паричните средства од купопродажбата осомничените меѓусебно си ги делеле“, се вели во информацијата на ЈОРМ.
Јавниот обвинител, оценувајќи дека постојат сериозни причини за страв од бегство и уништување на доказите, како и опасност од влијание врз сведоци и соучесници, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје достави предлог за определување на мерка притвор против осомничените. Акцијата продолжува, а истрагата се уште е во тек.

Извор