Андреј Тарковски често е споменуван како најголемиот кинематографски уметник на сите времиња. Иако има „само“ седум филма, тие се толку значајни и маестрални што го воздигнаа до ниво на најфалените режисери во историјата, му донесоа „Златен лав“, „Гран При“ од жирито на Кан и постхумно, наградата „Ленин“ – највисокото признание во Советскиот сојуз. Еден од идолите на Тарковски, Ингмар Бергман, има речено: „Тарковски за мене е најголемиот, тој што измисли нов јазик, вистинит и искрен кон природата на филмот, бидејќи го „овековечува“ животот како рефлексија, животот како сон“.
Неизмерната почит кон Тарковски продолжи да живее и после неговата прерана смрт во 1986-тата, па ризницата од негови полароиди најдена пред неколку години се покажа како мошне возбудливо откритие. Фотографиите се направени помеѓу 1979-та и 1984-тата, во годините пред неговата смрт – последица на канцер, наводно добиен при снимањето на „Stalker“. Ги прикажуваат неговите последни месеци од животот во Советскиот сојуз и годините проживеани во истражување и снимање филмови во Италија. Не мора да се напомене дека и фотографиите го носат истиот печат што го имаат и сите негови филмови – ја овековечуваат природата, личностите и светлината во сета можна хуманост – толку препознатлива за Тарковски.
Во една прилика, Тарковски има речено: „Задачата на режисерот е да го рекреира животот, неговото движење, неговите контрадикции, неговата динамика и конфликти. Негова должност е да ја открие секоја јота вистина што ја има видено“.
Овие фотографии од неговиот личен свет, опкружен со неговото куче, неговите деца, неговата градина и погледот од неговиот прозорец, нé оставаат маѓепсани од „шестото чуло“ со кое Тарковски проникнува во реалноста и сонот, создавајќи светови што остануваат ненадминати и покрај сета бомбастичност на модерната (филмска) технологија.