Покренати пет постапки за говор на омраза по несреќата кај Ласкарци

Друштвените мрежи ни овозможија во истата секунда да си ги соопштиме и најглупите и најбесчувствителните мисли, некогаш и кога вистински не ги мислиме, а за жал, многумина тоа го користат. Во сета трагедија околу автобуската несреќа кај Ласкарци, некои по социјалните мрежи решија дека тоа е најдобриот момент да провоцираат, да мудруваат, да се ситат, да се препукуваат, да печалат политички поени и слично. Не изостанаа и тие што несреќата ја сведоа на етнички натпревар во биланс на изгубени животи, а не изостанаа ни коментари кои не можат никако поинаку да се опишат освен ѕверски (иако и сите претходно набројани можат да бидат вклучени во последниов опис).

Доброто, сепак, е во тоа што таквите се малцинство. Останатите реакции се на истата линија – „сите заедно сме во ист автобус“. Реалната слика е дека е евидентно сочувството кое граѓаните го изразуваат на социјалните мрежи. За тоа говорат и несебичните понуди за помош, како и фактот дека граѓаните веднаш потрчаа да даруваат крв за повредените и да ги преполнат резервите, за секој случај.

„Отровот“ кој се шири во јавниот дискурс и посебно на друштвените мрежи, е една нeприфатлива состојба и последица од едно многу ниско ниво на политичка култура, но можеби и последица на неказнивоста што ја негуваат институциите, смета Џабир Дерала од невладината „ЦИВИЛ“.

Од друга страна, „секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР во координација со ОЈО презема соодветни мерки и активности за овој случај“, уверуваат од МВР. Како што информираше министерот за внатрешни работи – Оливер Спасовски, покренати се пет постапки за говор на омраза на социјалните мрежи во врска со трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје – Тетово. Се работи на откривање и на други профили кои шират говор на омраза на друштвените мрежи.

„Веќе се поднесени соодветни пријави во надлежните јавни обвинителства во Скопје, Струмица и во Куманово и секако дека ако се случуваат и во наредните денови ќе имаме реакција“, порача Спасовски.

 

- Реклама -