Покачувањето на пензиите ќе се разгледува на првата владина седница закажана за утре

Оваа точка е закажана за разгледување за утре откако денеска премиерот заедно министерката за финансии и министерот за социјална политика, демографија и млади ја финализирале конструкцијата на проектот

Премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба со министрите Димитриевска – Кочовска и Лимани /
ФОТО: Сектор за односи со јавност на Владата на РСМ

Проектот за зголемување на пензиите е една од точки кои ќе се разгледуваат на првата владина седница која е закажана за утре.

Во соопштението од владината прес-служба, во кое се информира за утрешната седница, се наведува дека оваа точка е закажана за разгледување за утре откако денеска премиерот Христијан Мицкоски заедно со министерката за финансии Гордана Димитриевска – Кочовска и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани ја финализирале конструкцијата на проектот.

Со овој проект, како што се вели во соопштението, повеќе од 300 илјади македонски пензионери ќе добијат повисоки пензии почнувајќи од оваа година.

„Ваквото изборно ветување кое доби своја конечна форма ќе биде разгледано на првата седница на Владата, што ќе се одржи утре. Новата Влада останува посветена на исполнувањето на своите ветувања и продолжува да работи со посветеност за добробит на сите граѓани“,

се вели во соопштението.

Според премиерот Мицкоски, ова е исклучително важно прашање кое ќе донесе повисоки пензии за над 300 илјади пензионери.

„Дадениот збор е светост, обврска и одговорност. Државата мора да се грижи за највозрасните. Во соработка со министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, министерот за социјална политика демографија и млади Фатмир Лимани, посветено работиме на итно изнаоѓање на решение кое ќе донесе повисоки пензии за над 300 илјади пензионери. Утре, ова исклучително важно решение кое го ветивме на изборите ќе се дискутира на седница на Владата и со тоа ја покажуваме нашата посветеност да испорачуваме резултати и да работиме посветено и за сите“,

напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.

Мицкоски вчера најави дека првото линеарно зголемување на пензиите ќе биде со септемвриската пензија, кога ќе бидат покачени за 2 500 денари. Второто линеарно зголемување ќе биде во март со нови 2 500 денари.

Мицкоски вели дека во моментов во Буџетот нема пари за покачување на пензиите, но со ребалансот на буџетот на кој, како што рече работат со министерката за финансии, а кој треба да биде во средината на јули, ќе се обезбедат пари за линеарно покачување на пензиите.

Првото зголемување на пензиите, како што вели Мицкоски, ќе биде со нивелирањето во септември, а второто со тоа во март.

- Реклама -