Човекот уште од антички времиња бил фасциниран од идеалната форма на телото, исто како што денес е фасциниран Howard Schatz, што можеме да го видиме во неговата фото-серија „Athlete“. „Атлета“ е фокусирана на истата таа физичка убавина на која се основани античките скулптури, но и модерната рекламна индустрија.
Shatz ги истражува многуте варијации на човековото тело. Гледаме боди-билдери со цврсти мускули, слаби маратонци, необично високи скокачи, масивни борачи – сите рамо до рамо. Секој од нив е премачкан со масло и облечен во идентична долна облека, за целосно да можеме да ја воочиме разликата и споредиме разните форми на човековото тело.
Уште поинтересно, овие атлети имаат тела како порачани за спортовите во кои се натпреваруваат – тие ги претставуваат идеалните физички атрибути потребни за да се биде меѓу најдобрите во својата класа. Фото-серијата е перфектен визуелен пример како генетиката и специјално насочениот тренинг се соединуваат во фигурата на идеалниот човек.