За да ја заштитат браната Хувер, која ја преградува големата река Колорадо, од автомобилите, Американците решиле да изградат мост што ќе биде алтернативен пат што ги спојува државите Невада и Аризона. Овој висечки мост е еден од најимпресивните инженерски подвизи до сега, а неговата изградба чини 160 милиони долари.
Мостот е алтернатива за браната Хувер, како дел од познатиот пат 93 што ги спојува Аризона и Невада. Мостот e изграден на 274 метри над големата река Колорадо и го држат два масивни бетонски лакови, составени од по 53 сегменти, долги по, нешто преку 7 метри. Лаковите се долги 300 метри.
По спојувањето на лаковите, потпорните сајли беа отстранети, по што беа додадени столбови кои го држат патот. Мостот го носи името: „Меморијален мост Мајк О’Калахан-Пет Тилман“, по еден поранешен гувернер на Невада и американски фудбалер од Аризона кој загинал во Авганистан, служејќи во армијата.
Работата на мостот започнала во 2005, а истиот беше пуштен во употреба на 19 октомври, 2010 година. Проценките велат дека преку него, секојдневно поминуваат по 17 илјади возила. Оваа градба е неопходна за да се намали оштетувањето на огромната брана Хувер, која била изградена во 1936 година, со доволно бетон за да се направи пат од Њујорк до Сан Франциско; и со која било создадено езерото Мид.