Подолг годишен одмор за вработените што не пушат

Јапонска компанија реши да биде креативна во пристапот кон тоа да ги мотивира своите вработени да се откажат од пушење (и поефективно да работат). Се работи за компанијата Piala Inc., која на непушачите меѓу своите вработени им дава 6 екстра денови одмор годишно.

Новата полиса е воведена во септември, а е потег со кој ќе се компензираат пуш-паузите на вработените што пушат, за кои се проценува дека траат по 15 минути – на една пауза. Воведена е по предлог на вработен, кој идејата ја доставил во „кутијата за предлози“ и патем се пожалил дека паузите за цигара предизвикуваат проблеми во работењето.

За волја на вистината, самата локација на компанијата безмалку наложува ваква одлука. Главната канцеларија се наоѓа во деловна кула на 29-от спрат, а вработените мораат да пушат во подрумот – затоа и секоја пауза трае толку долго.

Околу 30 од вкупно 120-те вработени во компанијата веќе ја имаат искористено новата поволност. Четворица од вработените веќе се имаат откажано од пушењето. Се очекува тоа да го направат уште многу повеќе, што е и примарната цел на компанијата. А ете, управата на компанијата решила дека е попаметно наместо да ги пенализираат пушачите, да ги стимулираат непушачите. На сечие задоволство.

 

 

- Реклама -