Поднесено е обвинението против Палевски, се бара да му се суди заедно со соизвршителите

„Со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази“, се наведува во соопштението од републичкото Јавно обвинителство

Инаку, од Обвинителството кон крајот на јули најавија дека ќе бараат од Судот спојување на постапките против Палевски и другите четворица обвинети во еден предмет. Ова беше причина Основниот кривичен суд да го одложи почетокот на судскиот процес закажан за 30 јули и да го презакаже за 4 септември

Зградата на јавното обвинителство на РСМ и обвинетиот Љупчо Палевски-Палчо / Фотоколаж: „360 степени“

Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје го поднесе обвинителниот акт против Љупчо Палевски-Палчо, првоосомничениот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.

Обвинението, како што информираа од републичкото Јавно обвинителството, го поднел надлежниот јавен обвинител и според него Палевски се товари за две кривични дела убиство и две кривични дела грабнување.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против едно лице, кое се товари за:

– едно кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 1 и точка 7 во врска со член 22 од Кривичниот законик и  едно кривично дело  убиство член 123 став 2 точка 1 и точка 4 во врска со член 22 од Кривичниот законик и двете казниви по член 123 став 3 од Кривичниот законик,

– едно кривично дело грабнување од член 141 став 2 во врска со став 1 во врска со член 22 од  Кривичниот законик и  едно кривично дело  грабнување од член 141 став 1 во врска со член 22 од  Кривичниот законик“,

се наведува во соопштението од Јавното обвинителство на РСМ.

Истовремено, надлежниот обвинител до Судот поднел и предлог за спојување на постапката против Палевски со онаа против останатите четворица обвинети за случајот, за кои Обвинителството претходно поднесе обвинение.

„Со оглед на тоа што во двата обвинителни акти се работи за ист вид кривични дела извршени од повеќе лица како соизвршители, меѓу нивните дејствија постои поврзаност од аспект на време, место и начин на извршување, а постојат и исти докази“,

велат од Обвинителството.

Обвинетите, како што се наведува, заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања Ѓорчевска, а целта, според Обвинителството, им била да присилат член на нејзиното потесно семејство да дада пари за откуп.

Во образложението на дејствијата што ги презел, од Обвинителството, без да го наведат со име презиме, велат дека Палевски на 22 ноември лани заедно со уште тројца од претходно обвинетите го грабнале Панче Жежовски во Велес, со намера да го присилат да им го даде неговото возило „ситроен“ за да го користат за грабнување на Вања во Скопје.

„Обвинетите отишле до куќата на оштетениот, физички го совладале и го врзале, а потоа го ставиле во багажникот и се упатиле до местото викано ‘Рудник’ во околината на Велес, каде од користољубие и на свиреп начин, со умисла го лишиле од живот со огнено оружје – пиштол со калибар 9 милиметри“,

наведуваат од Обвинителството.

Пет дена подоцна, односно на 27 ноември, четворицата помогнати од таткото на Вања, го грабнале девојчето во влезот од зградата каде што живее на улицата „Наум Наумовски-Борче“ во Скопје. Откако ја врзале, ја однеле во близина на местото викано Дупки во атарот на селото Бразда, каде што на свиреп начин и со умисла ја лишиле од живот.

Обвинителниот акт, како што додаваат од Обвинителството, содржи и предлог за продолжување на мерката притвор што претходно му беше определена на Палевски.

Љупчо Палевски-Палчо по апсењето во Турција / Фото: МВР

Инаку, од Обвинителството кон крајот на јули најавија дека ќе бараат од Судот спојување на постапките против Палевски и останатите четворица обвинети во еден предмет. Ова беше причина Основниот кривичен суд да го одложи почетокот на судскиот процес закажан за 30 јули и да го презакаже за 4 септември.

Сега по поднесеното обвинение и добиениот предлог Основниот кривичен суд Скопје треба да донесе одлука за спојување на постапките во еден предмет.

Истрагата против Палевски беше завршена кон средината на јули, а на поднесувањето на обвинителниот акт се чекаше да заврши увид во доказите на Обвинителството од страна на одбраната.

Марјан Витановски, адвокат на Палевски, во изјава за „360 степени“ на 25 јули рече дека известувањето дека е завршена истрага го добиле три дена претходно, односно на 22 јули.

Тој, исто така, кажа дека имаат право да достават списи и докази прибавени од нивна страна, како и да бараат од Обвинителството да прибави определени докази, но, како што додаде, тоа нема да го направат во оваа фаза од постапката.

„Сите докази на одбраната ќе бидат доставени до Судот пред почетокот на главната расправа, а се работи за докази во поткрепа на изјавата на осомничениот дадена на записник пред јавниот обвинител“,

рече адвокатот.

За грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски покрај Палевски обвинети се Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишов. Меѓу обвинетите е и таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, кој се товари за помагање во кривичното дело грабнување.

Палевски не беше обвинет со нив, оти истрагата против него почна подоцна бидејќи се чекаше на негова екстрадиција од Турција, каде што по бегството беше лоциран и уапсен по меѓународната потерница што по него ја распишаа македонските власти преку Интерпол.

Тој беше екстрадиран во земјава на 15 мај и веднаш спроведен во истражниот затвор „Скопје“ на издржување на мерката притвор што Судот му ја одреди во негово отсуство.

Малолетната Вања Ѓорчевска, која беше пријавена за исчезната на 27 ноември, беше пронајдена мртва во близина на Скопје на 3 декември, кога во близина на Велес беше пронајден мртов и велешанецот Панче кој, пак, беше пријавен за исчезнат на 24 ноември.

- Реклама -