„Имајќи предвид дека само Собранието распишува задолжителен референдум на целата територија на Република Македонија, по сопствена и по иницијатива на најмалку 150.000 граѓани, а граѓанската иницијатива на државно ниво се покренува по барање на 100 граѓани, движењето Бојкотирам, со Тодор Петров како овластен предлагач во името на 130 граѓани, вчера на 24. декември, до претседателот на Собранието – Талат Џафери, поднесе предлог за покренување на граѓанска иницијатива за распишување референдум на државно ниво“, порача претседателот на Светскиот македонски конгрес (СМК) на денешниот прес на движењето „Бојкотирам“.
Како што најави Петров, референдумското прашање кое би било поставено гласи: „Дали сте за промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија?“.
Движењето бара да се прекине постапката на уставни измени сé до објавување на конечните резултати од референдумот кој би се одржал следната 2019-та.
Во врска со предлогот за покренување граѓанска иницијатива, според Петров, претседателот на Собранието во рок од три дена (заклучно со 27 декември) треба да ја утврди уредноста на иницијативата и за тоа да го извести овластениот предлагач, но и преку претседателот на Владата да го извести органот на државната управа надлежен за евиденција на избирачкото право. Рокот за собирањето на 150.000 потписи почнува да тече по 20 дена од денот на доставувањето на известувањето од претседателот на Владата до органот за надлежен за евиденција на избирачкото право. Тоа би се случило некаде околу 15. јануари, проценува Петров. Рокот за собирање на 150-те илјади потписи е три месеци, почнувајќи од денот на добивањето на известувањето за уредноста на иницијативата. За точниот датум на почетокот на собирањето на потписите, јавноста ќе биде дополнително информирана, порачува Петров.
Повеќе детали во видеото од пресот: