Подготвени сме да се справиме со секоја безбедносна ситуација, најавил заменик-командантот на КФОР на средба со Српска листа

Италијанскиот генерал порачал дека КФОР има „видливо и флексибилно присуство низ Косово“ и дека е добро подготвен да реагира на сите релевантни безбедносни настани

Заменик-командантот на КФОР, бригадниот генерал Федерико Бернака денеска разговарал со претставници на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ), при што посочил дека мисијата е „добро подготвена да реагира на сите важни безбедносни случувања“.

Како што информираат од КФОР, делегацијата на Српската листа ја предводел претседателот на таа партија Златан Елек, а на средбата биле изнесени позиции за најновите безбедносни случувања, вклучително и оние на северот на Косово и загриженоста на Србите по последната акција на косовската полиција, во која беа затворени паралелните структури на Србија во општините со српско мнозинство во северно Косово.

Италијанскиот генерал порачал дека КФОР има „видливо и флексибилно присуство низ Косово“ и дека е добро подготвен да реагира на сите релевантни безбедносни настани.

Бернака ја повторил посветеноста на мисијата да придонесе за безбедноста и стабилноста „за сите луѓе кои живеат во Косово, во сите околности и непристрасно, во согласност со долгогодишниот мандат на ОН“.

„Во таа смисла, КФОР продолжува целосно да го поддржува дијалогот меѓу Белград и Приштина, кој се води со посредство на ЕУ. КФОР продолжува да го спроведува својот мандат, врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година – да обезбеди сигурна и безбедна средина за сите луѓе кои живеат во Косово и слобода на движење, во сите околности и непристрасно“,

се наведува во соопштението на мисијата на НАТО во Косово.

Косовската полиција вчера спровела акција за затворање на објекти користени од паралелни структури управувани од властите во Србија во косовските општини на северот од земјата, населен со мнозинско српско население. Затворени биле српските паралелни структури во четирите општини на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Постапката на Приштина ја осудија мисијата на ЕУ во Приштина, како и амбасадите на САД, Германија, Велика Британија и Франција.

Реакција има и од НАТО од каде соопштуваат дека се разочарани од вчерашните акции на косовската полиција на северот на Косово, која, како што се наведува, не била координирана со КФОР и покрај повеќекратните ветувања дека тоа ќе го стори.

„Потребна е деескалација и целосен ангажман во дијалогот со ЕУ“,

напиша портпаролката на НАТО, Фара Даклала, на платформата Икс.

Во објавата се наведува и дека КФОР е целосно подготвен да го задржи својот мандат врз основа на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН за сите заедници на Косово.

Припадниците на мисијата КФОР утринава формираа кордон на Ибарскиот мост во Митровица со опрема за разбивање на демонстрации. На мостот има засилено присуство на италијански карабинери, а распоредени се и неколку блиндирани возила. На јужната страна на мостот кој го спојува северниот дел на градот населен со мнозинство Срби, и јужниот дел населен со мнозинство Албанци има и неколку возила и припадници на КФОР.

- Реклама -