Во чест на празникот Василица традиционално и оваа година ќе се одржи Вевчанскиот карневал. Оваа година карневалот ќе биде под слоганот „Напрај се Василичар” . На Вевчанскиот карневал кој започнува утре се најавуваат над 1.000 маски и богата програма со културно – забавни содржини.
Организаторите на карневалот очекуваат голем број посетители, напоменувајќи дека голем дел од туристичките капацитети во околината веќе се полни.
-„Иако нѐ дели само еден ден до официјалното отворање на овој историски карневал, Вевчани е веќе полно со туристи, сите капацитети во и околината се веќе полни. Вевчанци и посетителите со нетрпение чекаат да ги видат маските кои се подготвуваат 365 дена, а многумина ги прават и последните подготовки за да се приклучат на уличниот театар и да го заиграат Василичарското оро“, велат организаторите ка карневалот.
Под покровителство на Министерството за култура, а општината како организатор е подготвена да ги пречека гостите како од нашата земја така и од странство. Најголем број на посетители се очекуваат на 13 јануари – во понеделник, кога ќе се одржи главното дефиле на маските во центарот на Вевчани.
Забавната програма на 12 јануари ќе започне од 19:00 часот, а на 13 јануари музичката програма започнува во 21:00 часот. Вторник, 14 јануари, е резервиран за традиционалното василичарско оро и палење на маските.
За музичкиот дел ќе се погрижат македонски изведувачи од различни жанров. Како и секоја година така и оваа организаторите најавуваат многу смеа, игра, театар и маски, кои ќе го привлечат вниманието на јавноста задржувајќи ја својата уникатност и архаичност.
Повеќе на МКД.