Во Основниот суд во Струга денеска почна главната расправа против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за незаконско назначување директори во основните училишта, во селата Подгорци, Лабуништа, Велешта и „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Трите предмети за незаконско поставување директори, каде е инволвиран само Мерко, судијата Јордан Јованов ги спои во еден, додека за училиштето во Велешта ќе се води одвоен предмет, каде покрај злоупотреба на службена должност направено е и кривично дело фалсификување, и обвинети се четири лица. Рочиштето за предметот во Велешта беше одложено.
– Моментално за училиштето во Велешта се води одвоен предмет затоа што таму се четворица обвинети, а за другите три училишта се води споен предмет. Три постапки во еден предмет. Покрај кривично дело несовесно работење во службата во Велешта, дел од обвинетите се гонат и за кривично дело фалсификување исправа. Значи во тој предмет се две кривични дела, изјави Јованов.
Мерко пак, рече дека не чуствува вина за делата, кои го товари Јавното обвинителство. За незаконското поставување директори, тој истакна дека разбира за што е обвинет, но не се чуствувал виновен за кривичните дела, бидејќи, како што рече, направил континуитет во работата на основните училишта.
– Ние имаме докази и ќе докажеме дека тој сторил кривични дела за кои се терети. Судот ќе одлучи колку ќе го осуди, ќе видиме во текот на постапката. Ако не се согласиме со пресудата што ќе ја донесе судот ќе поднесеме жалба до Апелациониот суд во Битола, рече јавниот обвинител Џемал Лога.
Адем Ајдароски, кој три мандати како в.д. директор раководел со основното училиште „Гоце Делчев“ во селото Подгорци даде исказ во својство на сведок. Тој кажа дека си поднел оставка поради лични причини, но и на барање на Антикорупциска комисија. Ајдароски не исполнувал услови за директор во училиштето, бидејќи немал пет годишно работно искуство и како дипломиран економист не бил од редот на вработените.
Државниот просветен инспекторат извршил надзор во училиштето во Подгорци и му кажал на директорот дека незаконски е именуван, но не повел постапка.
Судскиот процес против Мерко за четирите предмети ќе продолжи на 5 јули.