Почина сточарот од кратовско за кого институциите не најдоа ни џип, ни трактор

63-годишниот пациент од кратовско, кој поради мозочен удар и цела ноќ помината завеан во снег на поларни температури мораше итно да биде хоспитализиран, а кого тим на Брза помош на раце го носеше повеќе од 5 часа преку брда и долини затоа што ниту една од институциите не обезбеди теренско возило или хеликоптер, починал утрово во 7 часот во штипската болница.

Како што вели портпаролката на болницата – Марина Шуманска, за „Сител“, тој им подлегнал на мозочното крварење и хипотермијата. Пациентот неколку дена лежеше на хируршкото одделение во коматозна и критична состојба, а според Шуманска, направени му биле сите испитувања, вклучително и компјутерска томографија, при што неврохирургот констатирал мозочно крварење без можност хируршки да се интервенира.

 

- Реклама -