Брисел, 11 јануари 2022 (МИА) – Претседателот на Европскиот парламент Давид Сасоли почина на 65-годишна возраст. Сасоли почина утрово во болница во североисточната италијанска општина Авијано, потврди неговиот портпарол за ДПА.
Во понеделникот парламентот на ЕУ потврди дека тој бил примен во болница во Италија на 26 декември „поради сериозна компликации на имунолошкиот систем“.
Италијанскиот политичар од левиот центар во септември помина неколку дена во болница поради пневмонија. Тој мораше да ја прескокне и октомвриската пленарна седница на законодавниот дом поради болест.
Сасоли минатиот месец за италијанскиот весник „Кориере дела сера“ изјави дека не планира да се кандидира за реизбор на почетокот на 2022 година. Неговиот портпарол на Твитер соопшти дека времето и местото на погребот ќе бидат објавени во текот на денов.
Роден во Фиренца на 30 мај 1956 година, Сасоли беше член на Парламентот на ЕУ повеќе од 10 години, по преминот од новинарство во политика.Беше водител на главните вечерни вести на јавната телевизија РАИ. Сасоли беше оженет и имаше две деца.