Првата Светска Војна претстави многу нови оружја во светот на војувањето. Првата глобална механизирана војна беше сведок на првата употреба на тенкови и борбени авиони, а тоа што е помалку познато, е и дека тогаш за прв пат беа употребени функционални пламенофрлачи. Не беа ефикасни, додуша, бидејќи користеа единствено запален бензин, кој гореше брзо и предизвикуваше „минимална“ штета.
Оружјето продолжи да се развива. Американската Chemical Warfare Service додаде гума во рецептот, за да произведе смеса што ќе наликува на желе и која ќе гори подолго, ќе биде потешка за гасење и ќе се залепи за жртвата, предизвикувајќи фатални повреди.
На Американската армија ова ѝ изгледаше како трајно решение, но кога влегоа во војната во Пацификот, залихите од природна гума беа мали, а Армијата беше приморана да бара достојна замена. И така се роди напалмот.
Во периодот меѓу 1942 и 1943 година, тим од водечки хемичари од Харвард, предводен од Луис Фисер, разви мешавина од нафтенска и палмитинска киселина, кои ги додаде на класичната состојка – бензинот. Оружјето првпат беше тестирано во бомбардирањата на Берлин и подоцна на Токио, каде предизвика масовна паника откако огнената бура уби и повреди околу 100.000 луѓе. Се разбира, на своја кожа го сетија и Македонците од Егејска Македонија.
Подоцна, во Кореја, Американската армија го прогласи напалмот за „најизвонредното оружје“ и го посочи како главното средство со кое ја доби војната против Северна Кореја и нивните кинески сојузници.
Напалмот стана неопходно и стандардно оружје на сите модерни воени сили, и покрај фактот што последиците што ги предизвикуваше беа меѓу најнехуманите. Ефикасноста на оружјето преовлада над грижите околу суровоста. Голем дел од таа ефикасност се должеше и на тоа што напалмот, фрлен во затворени средини, дури и кога не беа директно погодени, предизвикуваше труење со јаглероден моноксид. Ефектите од јаглеродниот моноксид беа добро познати по крајот на Втората Светска Војна, особено што тоа беше главниот гас користен за труење на затворениците во нацистичките концентрациони кампови.
А фрлен надвор на отворено, напалмот предизвикува сериозни изгореници низ целото тело; изгореници кои се многу полоши од тие предизвикани од „обичен“ оган. Човечката кожа ја прекрива со вискозна магма која е слична на катран. Раните што ги предизвикува се премногу длабоки за да бидат излечени. Во контакт со луѓе, моментално се лепи за кожата и го топи месото. Нема начин да се изгаси оганот, освен ако не го „задушите“ (да го спречите дотокот на кислород), а и тоа предизвикува неподнослива болка. Во паника, многу од жртвите ќе се обидеа да го „избришат“, но тоа само ја влошува состојбата, бидејќи само го проширува оганот и ја зголемува афектираната област.
Сето ова го направи напалмот многу популарен меѓу тие што имаа интерес од неговото користење, а за тие на другата страна го претвори во вистински кошмар. Во Виетнам, први со употреба на напалм почнаа Французите, а потоа и нивните наследници – Американците, кои го користеа интензивно. Тоа често резултираше со голема колатерална штета, бидејќи огнот, еднаш ослободен, беше практично невозможно да се локализира.
Прогласен за победничко оружје во Корејската Војна, напалмот беше дел од арсеналот на Американците уште од самиот почеток на конфликтот во Виетнам. Од 1963 до 1973 година, врз Виетнам беа фрлени 388.000 тони напалм. Тоа е 5 пати повеќе отколку во Кореја (32.357 тони) и речиси 20 пати повеќе отколку во Пацифичката војна (16.500 тони). Првично, Американците и нивните сојузници од Виетнамската армија користеа напалм со пламенофрлачи, за чистење на бункери и ровови. Дури и кога пламените не пробиваа во бункерите, оганот консумираше доволно кислород за да предизвика гушење на тие во нив.
Многу од извештаите велат дека пламенофрлачите често се користеле за расчиствување и уништување на цели „непријателски села“, што имплицира дека напалм се користел и против цивили. Од сите овие причини, напалмот стана и психолошко оружје, оставајќи го непријателот (макар и цивилен) преплашен од пеколот што го предизвикува. Без оглед на тоа, подоцна во војната американските бомбардери почнаа да фрлаат и напалм-бомби, што се покажа како уште подеструктивно од пламенофрлачите. Една напалм-бомба оставаше и до повеќе од 2000 квадратни километри опожарена површина. Со оглед дека беа фрлани од авиони во брзо движење, напалм-бомбите не беа многу прецизни. Тоа подразбираше и гарантираше многу цивилни жртви.
Една од најважните воени фотографии во историјата потекнува токму од војната во Виетнам и прикажува преплашени деца кои во ужас бегаат од напалм.
Голото девојче е Ким Пук (зборувавме за неа во „Девојчето што стана неважно зашто трчаше голо во погрешно време“), која до денес носи лузни од напалм на своето тело. Таа подоцна изјави:
„Напалмот е најстрашната болка што можете да ја замислите. Водата зоврива на 100° Целзиусови. Напалмот генерира температура од 800 до 1200°C.“
Во меѓувреме, меѓу американската јавност, напалмот стана синоним за сето тоа што беше погрешно и зло околу војната во Виетнам. Тоа беше првиот конфликт што наголемо беше пренесуван на телевизија. Иако се знаеше дека напалм бил користен и порано, тоа беше првата прилика јавноста директно да ги види последиците од таквото оружје.
Антивоеното движење почна да протестира против користењето на напалм во 1966 година, повикувајќи на бојкот на компанијата што го произведуваше за потребите на Американската армија – The Dow Chemical Company. Дури во 1980 година Конвенцијата на Обединетите нации (United Nations Convention on Certain Conventional Weapons а.к.а. CCWC) ја прогласи употребата на напалм против цивили за воено злосторство. Протоколот стана дел од интернационалното меѓународно право во 1983 година, макар што неколку земји не го потпишаа.
Меѓу нив и САД. Тие ја потпишаа Конвенцијата отприлика 25 години откако беше усвоена, на 21 јануари 2009 година. Не сакаме да рекламираме, ама тоа беше првиот ден со полно работно време на претседателот Барак Обама откако дојде на функцијата. Додуша, во американската ратификација стои исклучок: дека е дозволено да се занемари Конвенцијата ако ситуацијата диктира дека употребата на напалм всушност може да спаси цивилни животи.
По војната во Виетнам, напалмот доживеа активна употреба и во Западна Сахара (1975-1991, од мароканските сили), Иран (1980-1988), Ирак (1980-1988, 1991), Ангола (1993), Аргентина (1982) и Југославија (1991-1996).