Победничкиот говор на осмата Ораторска вечер на Универзитетот „Гоце Делчев“

Теодора Новеска, студент по новинарство, е победник на осмата Ораторска вечер на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Теодора имаше говор за проблемите во македонското здравство.

Транскрипт:

„Мојата мајка е како цвет,

мојата мајка е најубава на свет.

Таа е нежна и мила, убава како свила“.

Ако ја прашате мојата мајка, која впрочем седи овде, колку пати ја добила оваа рима низ годините, несомнено ќе ви одговори – безброј пати. Но вакви песнички со кои децата ја искажуваат својата љубов кон мајките, за жал, нема да добијат 163 родилки кои минатата година остана без своите новородени чеда. Десетици деца, пак, нема кому да ја напишат песничкава и ќе бидат тажни и осамени на својот прв училишен ден бидејќи нивните мајки искрвавиле до смрт на породилниот стол или добиле инфекција од болничка бактерија во 21 век.

Македонија веќе со години се наоѓа на врвот на листата со најголема смртност во Европа, и тоа со бројка двојно повисока од европскиот просек. Реалноста ни удира шамар секој пат кога на телевизорот ќе видиме трагични судбини на родилки кои умреле давајќи нов живот, а иронично, не така одамна, една бивша власт се расфрлаше со реклами за зголемување на наталитетот. Државата, пак, која патем се декларира како социјална, постојано ни кажува колку тоа добро јавно и бесплатно здравство имаме. А ние знаеме дека не е ни јавно, а ниту пак бесплатно. Каква е таа дрскост да ни подарувате нешто што ни е гарантирано со Устав?

Се прашувате ли и вие, почитувани присутни, кога последен пат некој од нашите политичари бил низ ходниците на нашите болници. Знаете ли каква е сликата со нашите породилишта? Породилиштата во Штип, Битола, Кавадарци, Куманово се со минимум стандарди за безбедно породување, но барем ги има. Многу родилки од помалите градови се осудени да патуваат до поблиските градови со страв да не се породат по пат бидејќи државата одамна ги затвори породилиштата во помалите градови. И така сега најголем дел од новороденчињата во Источна Македонија се родени во Штип.

Имаме недостаток на гинеколошки кадар, анестезиолози, немаме операциони сали ниту пак апаратура… За каква подобра Македонија ни зборувате? Онаму каде што има две породувања во исто време мониторите се шетаат од соба в соба, од родилка на родилка, бидејќи другите не работат. Ставаме и по две новороденчиња во инкубатор бидејќи немаме место. Но третманот што го добиваат родилките во државните болници мора да верувате дека е врвен и подобар не може да биде. Ама реалноста е поразителна!

Родилките ни лежат на искршени кревети, ги бодат жици во грбот, си носат греалки од дома и се покриваат со кафените ќебиња од ЈНА.

Додека Западот изнајде можности за алтернативни породувања, како она под вода, и таму сосема е нормално новороденчиња од 600 и 700 грама да преживуваат, ние немаме основни услови! Владата ни презентира мерки за намалување на смртноста на новороденчиња, но министерот јавно ги прозва идните мајки префрлајќи им ја вината за смртта на нивните деца. Апсурдно! Ќе го носите плодот 9 месеци во својата утрoба и ќе дојде некој и ќе ви каже дека здравството е во ред, но вие не чините. Срамота! Вие можете да осудувате јавно, но никогаш нема да ја знаете тагата и очајот на мајките кои излегуваат со празни раце од болничките врати. На татковците кои без своите сопруги треба да се снаоѓаат во животот.

Почитувани присутни, знаете ли каде се пораѓаат нашите политичарки и сопругите на политичарите? Па во приватните болници, нормално. Ако тие веруваат во она што ни го зборуваат, тогаш зошто ги праќаат своите сопруги, зошто пратеничките, министерките и останатата елита се пораѓаат во приватните болници? Наместо да обвинувате, позанимавајте се со фактот дека во државава од вкупно 80 општини, имаме повеќе од 40 општини без матични гинеколози. Имаме 140 матични гинеколози кои треба да ја следат бременоста на секоја една жена во државава, а 1/3 од нив се сместени во главниот град. Изгледа животот е многу повреден во главниот град отколку кај нас. Позанимавајте се со тоа дека скоро сите од нив наплаќаат за оние бесплатни услуги предвидени со закон, како на пример обичен и ехо-преглед. Позанимавајте се со гинеколози кои лажат жени дека се бремени! Со оние кои доаѓаат пијани на породувања и со оние кои ги одвраќаат жените од абортус бидејќи се косело со нивните религиозни убедувања.

Кај нас, почитувани, многу нешта се трули и системски неисправни, и краткорочни мерки нема да нè избават од голготата во која се наоѓаме со години.

Ако за една држава многу кажува состојбата во која ѝ е здравството и сликата во каква состојба се раѓаат и згаснуваат животи, тогаш нашата е поразителна.

via

- Реклама -