Битола, 31 октомври 2021 (МИА) – ВМРО-ДПМНЕ објави победа на Тони Коњановски, со која тој е избран за нов градоначалник на Битола.
– Благодарам за огромната поддршка што ни ја искажавте денеска. Благодарам на сите што храбро, достоинствено, гордо одолеаја на притисоците и го дадоа својот глас за подобра Битола, за подобро место за живеење за сите. Битола избра промени, Битола избра проекти, Битола избра победа. Од срце благодарам на сите, издржавме сите и со битолчани остваривме голема победа, изјави Коњановски, додавајќи дека Битола избрала промени.
Противкандидатот на Коњановски, кандидатот на СДСМ Христо Кондовски го призна поразот и ја честиташе победата на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата.