Македонската кошаркарска репрезентација забележа триумф од 97-87 на вториот контролен меч со комбинираниот универзитетски состав од САД.
По неуспехот на првиот меч од 81-79, македонските кошаркари овојпат одиграа далеку подобро во нападот, го наполнија кошот на противникот и сосема заслужено стигнаа до победата. Тодор Гечевски повторно беше најпрецизен во македонскиот национален тим, со 22 поени, Дамјан Стојановски постигна 15, капитенот Самарџиски 14, додека Антиќ, Чековски и Војдан Стојановски беа стрелци на по десет поени за Македонија.
„Кажав и пред заминувањето дека резултатите од овие натпревари ни се во втор план. Тука сме за воигрување, одржување и подигнување на формата и секако за аклиматизација и привикнување на условите кои се различни од европските.
Одигравме квалитетни два натпревари во Атланта, целата екипа од ден на ден изгледа се подобро и ќе продолжиме во тој ритам и во Порторико. Нашата центарска линија беше импресивна во вториот меч, Антиќ и Гечевски одлично соработуваа, многу придонесе и Самарџиски, а тука секако се и сите останати играчи“, изјави селекторот Марјан Лазовски.
На националниот тим му се приклучи и Лестер Бо Мекејлеб, кој ги пропушти двете контролни средби во Атланта, но ќе биде во комбинација за настап на престојните дуели со Порторико. Македонската експедиција денеска заминува за Порторико, каде што во среда и четврток ќе ги одигра двете последни контролни средби пред квалификацискиот турнир за ОИ што ќе се одржи во Венецуела.