По виенските биртии

golden.days-010

Клеменс Маршал и Клаус Пихлер – едниот собира зборови, другиот фотографии. Ги следат звуците на смеа низ Виена, звуци кои водат зад вратите на градските биртии, кои во градот ги има сé помалку. Зад овие врати постои друг свет, каде голи девојки од некои од средните страници (а не насловните) ги красат ѕидовите, каде има размена на частења, услуги и дофрлања, каде има по некоја пријателска тепачка и пред сé, каде што се пие алкохол од утро до утро. Биртијашкиот свет е толку свој, што дури и низ фотографиите на Пихлер може да се намириса старото платно на каучите, истуреното пиво по масите, и, се разбира, мирисот на цигари и незгаснати пикавци.

golden.days-003

Нивната книга – Golden Days Before They End (Златни денови пред крајот) е ода за драмата, за луѓето, за лудоста и за ритуалите во Brannweiner – една од последните виенски биртии. Проектот почнал во 2012, откако Маршал посетил неколку барови во Виена и забележал дека има нешто специјално во атмосферата во овие места. Пихлер се согласил на предлогот за соработка, по што нивната авантура започнува со забрзано темпо, бидејќи како што сведочат тие, многу од локалните биртии ги фатиле во последниот месец или дури и последната недела од работењето.

golden.days-019

Сакаат ли да се сликаат виенските биртијаши? И тоа како. Повеќето ги пречекале документаторите со раширени раце. Сопствениците и персоналите биле особено среќни што ете некој конечно се заинтересирал за нивните барови, а бидејќи во овие места тие се алфа и омега, некои буквално им наредиле на пијаните гости да учествуваат во фото-проектот. Се разбира, секогаш има и такви што не сакаат да ги знаат од дома дека пијат по локални кафанчиња, па по залудното негодување се решавале да го напуштат локалот.

golden.days-030

Според сведочењето на фотографот, воопшто не било проблем луѓето да се опуштат. Тој како фотограф веројатно има голем удел – смета дека на луѓето треба да им се пристапува очи в очи и без разлика на нивниот статус, да не им се суди, туку да се покаже интерес, емпатија и меко срце. „Мислам дека луѓево забележаа дека ми се допаѓаат, па сé беше релаксирано, а често и смешно“.

golden.days-008

А атмосферата? Најчесто пријателски настроена, зачинета со саркастични биртијашки шеги, досетки и префрлања, ама и црн хумор. Виена е позната по таквиот – луѓето гледаат на животот и неговите трагедии со посебна доза на хумористична морбидност.

golden.days-016

Сеедно, каков и да е, обично целата кафана учествува во истиот разговор, кој за волја на вистината, зависи и од датумот. На почетокот на месецот по биртиите има повеќе луѓе, луѓето имаат повеќе пари, а тоа значи дека расположението е на високо ниво и атмосферата весела. Кон крајот на месецот, по биртиите се само најупорните. Има и такви чудни денови кога сите се под некаква тензија и се чувствува дека ќе избие кавга или тепачка меѓу гостите, и без некоја посебна причина. Но и тоа е дел од магијата на биртијата – таму луѓето дишат како еден жив организам, заедно ја делат среќата, заедно ја делат и тагата. Останаа малку места со таква моќ. Во Виена се сé помалку.

golden.days-002 golden.days-006 golden.days-011 golden.days-014 golden.days-020 golden.days-024 golden.days-027 golden.days-029

- Реклама -